НБА: Атланта им се врати на победите, Кари и Вестбрук ги “масакрираа” своите противници

Иако пред два дена серијата на Атланта беше прекината со поразот од Њу Орлеанс, се чини дека атмосферата во тимот е повторно на високо ниво, за што доказ е и синоќешната победа против Вашингтон Визардс.

“Јастребите” славеа со 105:96, а најзаслужни за оваа нова нивна победа беа Џеф Тиг кој уфрли 26 поени и Ал Хорфорд кој реализираше 21 поен и 13 скокови. Одлична партија пружи и нашиот интернационалец Перо Антиќ, кој постигна 9 поени, надополнети со 6 скокови и 1 асистенција.

Сепак вечерта во НБА лигата ја одбележа Стеф Кари, кој на мечот против Далас постигна 51 поен. Голден Стејт славеше со 128:114, а Кари дури 30 од неговите 51 поен ги постигна позади линијата за три поени.

Свое шоу имаше и кошаркарот на Оклахома, Расел Вестбрук кој на гостувањето кај “пеликаните” од Њу Орлеанс постигна 45 поени.

Во отсуство на Кевин Дурент, Вестбрук беше тој што го предводеше својот тим до нова победа со резултат 91:102.

НБА Резултати:

Јута – Мемфис 90:100
Индијана – Детроит 114:109
Атланта – Вашингтон 105:96
Бостон – Денвер 104:100
Торонто – Бруклин 93:109
Хјустон – Чикаго 101:90
Милвоки – ЛА лејкерс 113:105 (по прод.)
Минесота – Мајами 102:101
Њу Орлеанс – Оклахома 91:102
Сан Антонио – Орландо 110:103
Голден стејт – Далас 128:114