НБА: Атланта поведе против Бруклин, Мемфис го “исфрли” Портланд

Екипата на Атланта поведе со 3-2 во победи во првата серија од плеј-оф разигрувањето во НБА лигата против Бруклин.

По враќањето на домашен терен “јастребите” стигнаа до триумф од 107:97 по кој сега се само на еден триумф од пласманот во следната рунда натпревари. Перо Антиќ одигра околу 18 минути за Атланта притоа завршувајќи го натпреварот со 8 постигнати поени, дополнети и со четири скока и една асистенција. Најефикасен во победничкиот тим беше Керол со 24 поени, а по 20 поени постигнаа Џеф Тиг и Хорфорд.

Кошаркарите на Мемфис, пак, се пласираа во полуфиналето на Западната конференција откако во петтиот меч славеа со 99:93 против Портланд, па со вкупна победа од 4-1 сега во полуфиналната пресметка одат на Голден стејт.

Предводник во четвртата победа на Мемфис против Портланд беше Марк Гасол со 26 постигнати поени.