НБА: Бостон изненаден од Чикаго, Голден Стејт и Хјустон сигурни

Во средбите од првиот круг на доигрувањето во најсилната кошаркарска лига на светот НБА, ноќта кон понеделникот кошаркарите на Чикаго Булс направија изненадување совладувајќи ја на гостувањето водечката екипа во Источната конференција Бостон Селтикс со 107:102, додека на другите натпревари славеа фаворитите.

За Бостон настапи и Ајзеа Томас иако ден претходно во сообраќајна несреќа загина неговата 22-годишна сестра, којашто изгубила контрола над воланот на автопат во сојузната држава Вашингтон, се удрила во столб и починала на самото место.

Настапот на 28-годишниот кошаркар беше неизвесен, но тој сепак решил да игра иако бил многу погоден од смртта на помладата сестра. Томас со 33 кошеви беше најефикасниот играч на мечот, но тоа на Селтикси не им помогна да ја остварат предвидената победа. Булсите немаа респект, и пружија одлична партија по која заслужено славеа.

Џими Батлер постигна 30 кошеви за Булс со 9 скокови, додека Робин Лопез додаде 14 кошеви и 11 скокови. Кај Бостон, пак, покрај Томас, повеќе од десет поени постигнаа Ал Хорфорд – 19 и Ејвери Бредли – 14. Победата на Чикаго е извојувана поради подобрата одбрана и повеќето скокови (53:36). Вториот меч се игра повторно во бостон на 18 април.

Голден Стејт беше подобар од Протланд Трејблејзерс со 121:109. Актуелните вицешампиони во НБА поведоа во серијата којашто се игра во четири победи, но дури во последната четвртина успеаја да го скршат противникот. На полувремето резултатот гласеше 56:56, а на крајот од третиот дел 88:88, но последниот период домаќините го добија со 33:21 за конечните 121:109.

Стеф Кари со 29 кошеви и 5 скокови и четири асистенции беше најкорисен кај домаќините, а најефикасен беше Кевин Дурант со 32 коша и 10 скокови, додека Дрејмонд Грин додаде 19 поени со 12 скокови. Гостите беа предводени од Си Џеј Мекколам кој постигна 41 поен со 8 скокови и Демиен Лилард со 34 кошеви. Вториот дуел од серијата се игра во среда 19 април во „Оракл арена“ во Окленд.

Хјустон славеше над Оклахома со 118:87, а во дуелот на кандидатите за МВП на сезоната, Џејмс Харден беше поуспешен од Расел Веструк. Гостите добро парираа во првото полувреме и водеа со 59:54. Но, во следните две четвртини домаќинот го забрза темпото и го доби второто полувреме со 26 поени разлика.

Хјустон беше предводен од Харден со 37 кошеви, 9 асистенции и 7 скокови, и од Патрик Беверли со 21 кош и 10 скокови. Вестрбук, или познат како „Мистер трпл дабл“, беше најдобар кај гостите со 22 коша, 11 скокови и 7 асистенции, но имаше 17 промашувања од 23 шута од игра, и загуби 9 топки. Во среда во Хјустон се игра следниот натпревар.

Во првиот дуел од плејофот во Источната конференција, во неделата ноќта кошаркарите на Вашингтон Визардс ја победија Атланта Хоукс со 114:107.

Гостите од Атланта подобро го започнаа мечот и по првата четвртина водеа со 29:25, а на полувремето со 48:45. Меѓутоа, во третата четвртина Вашингтон направи пресврт откако овој дел го доби со десет поени разлика (38:28). Во последната четвртина домашните играчи успеаја во настојувањата да ја одбранат предноста до конечните 114:107.

Во редовите на „волшебниците“ најефикасни беа Џон вол со 32 кошеви и 14 асистенции, Бредли Бил со 22 погодоци, и Моркиефф Морис со 21 поен и седум скокови, а Марсин Гортал додаде 14 кошеви и 10 скокови. Атланта ја предводеа Денис Шродер со 25 поени и девет додавања, како и Пол Милсап со 19 кошеви. Вториот меч ќе се одигра во среда 19 април, повторно во Вашингтон.