НБА: Бостон ја спаси честа на гостите, славеше на гости кај Јута

Поради невремето кое го зафати Њујорк, два од планираните седум натпревари во НБА лигата беа одложени. Мечевите Њујорк – Сакраменто и Бруклин – Портланд ќе се одиграат во друг термин.

На останатите пет натпревари домаќините славеа на четири, додека единствено тимот на Бостон Селтикс славеше на гостувањето кај Јута со 90:99.

Најзаслужен за победата беше ветеранот Тајшон Принс, кој имаше учинок од 19 поени, 5 асистенции и 2 скока, а ниту одличните партии на Гордон Хејворд и Енес Кантер кои постигнаа 26, односно 20 поени не му помогнаа на домашниот тим да стигне до победата.

Клиперси стигнаа до петтата едноподруго победа, откако славеа против Денвер со 102:98. Предводени од Џамал Крофорд кој постигна 23 поени, тие стигнаа до 31-та победа во сезоната и се наоѓаат на високото 4-то место во силната Западна конференција.

Оклахома иако играше без без Кевин Дурант, сепак триумфираше над Минесота со 92-84, а феноменалниот Ентони Дејвис повторно ги предводеше Њу Орлеанс до победа над Филаделфија, постигнувајќи 32 поени, дополнети и со 10 скока.