НБА: Бостон обезбеди учество во плеј-офот, Индијана ќе мора да слави против Мемфис

Со победата на Вашингтон од 99:95, Индијана остана во трка за плеј-офот во НБА лигата, додека Бостон со победата над Торонто од 95:93 ја обезбеди седмата позиција на Истокот. На последниот меч од синоќешната програма, ЛА Клиперс славеа против Феникс со 112:101.

Во Индијанополис се играа две продолженија, а натпреварот го одлучија Хил и Мајлс кои на почетокот од второто продолжение направија серија од 7:2 за својот тим. Пејсерси и натаму се во игра за плеј-оф но неопходна им е победа над Мемфис во среда.

Си Џеј Мајлс имаше 25 поени и 8 скока, Џорџ Хил беше на чекор од трипл-дабл со 24 поени, 9 скока и 10 асистенции, а Дејвид Вест имаше 15 поени и 8 скока.