НБА: Далас убедлив на гостувањето во Сакраменто, Кливленд со 12-та победа по ред

На синоќа одиграните четири натпревари во НБА лигата, домаќините беа далеку поуспешни, забележувајќи дури три победи.

Далас Маверикс е единствениот тим кој ја спаси честа на гостите, откако славеше убедлива победа во Слип Треин Арена против Сакраменто Кингс, со 78:101.

Најзаслужен за победата на “маверикси” беше Монта Елис со 21 поен, 6 асистенции и 2 скока, а на Сакраменто не му помогнаа ниту 23-те поени на ДеМаркус Казинс, кој забележа и 11 скокови.

Кливленд конечно почна да ги покажува своите шампионски амбиции во изминативе дваесетина дена, а изминатава вечер Кавалирс стигнаа до 12-та победа во серија откако славеа против одличниот тим на ЛА Клиперс со 105:94.

Во новата фантастична партија на Кливленд најефикасен беше Кевин Лав кој забележа 24 поени, притоа додавајќи и 9 скока, а одличен беше и Леброн Џејмс кој забележа 23 поени и 9 асистенции. Кај Клиперси, најрасположен за игра беше Блејк Фрифин со 16 поени и 8 скока, а Џамал Крафорд го заврши натпреварот со 13 поени зад своето име.

НБА Резултати:

Кливленд – ЛА Клиперс 105:94
Сакраменто – Далас 78:101
Шарлот – Вашингтон 94:87
Портланд – Феникс 108:87