НБА: Харден и Хјустон со прва победа сезонава, Леброн руши нови рекорди

Леброн стана најмладиот кошаркар во историјата на НБА кој стигнал до границата од 25000 поени

Први победи на Хјустон и на Милвоки во НБА лигата сезонава, Леброн Џејмс со новиот рекорд и разбивањето на Мемфис од страна на Голден Стејт ги одбележаа синоќешните натпревари во најквалитетното кошаркарско клупско натпреварување на планетава, НБА лигата.

Џејмс Харден конечно се разбуди и со 37 поени го водеше Хјустон до победа над Оклахома од 110:105, а Голден Стејт Вориорс тотално го декласираа Мемфис победувајќи со 119:69.

Леброн Џејмс, пак, стана најмладиот кошаркар во историјата на НБА со постигнати 25.000 поени.

Тој стигнувајќи до оваа бројка на 30 години и 307 дена го надмина Коби Брајант кој претходно беше најмлад до оваа бројка со 31 година и 351 ден. Џејмс постигна 22 поени на дуелот на кој Кливленд славеше на гостувањето против Филаделфија со 100:107.

НБА резултати:

Филаделфија – Кливленд 100:107
Њујорк – Сан Антонио 84:94
Бруклин – Милвоки 96:103
Хјустон – Оклахома 110:105
Минесота – Портланд 101:106
ЛА Клиперс – Феникс 102:96
Голден Стејт – Мемфис 119:69