НБА: Хорфорд ги “спаси” своите, Атланта поведе со 3:2

Перо Антиќ и Атланта се на само една победа до пласман во финалето на Источната конференција, откако синоќа и по трет пат славеа против тимот на Вашингтон.

“Јастребите” славеа со 82:81, меч кој го добија буквално во последните секунди, откако Ал Хорфорд беше исклучително сконцетриран и внимателен, па со кош на 1,9 секунди до крајот погоди за победа на својот тим.

Хорфорд беше и најефикасен во составот на Атланта со 23 постигнати поени, на кои додаде и 11 скокови и 5 блокади. Исто толку поени постигна и Бредли Бил од Вашингтон, но сепак неговите поени не беа доволни за втор брејк во серијата против Атланта. Антиќ забележа 4 поени, сите од линијата за слободни фрлања.

Водство од 3:2 во победи има и Голден Стејт во серијата против Мемфис, откако “воините” рано утрово славеа убедливо на домашен терен со 98:78. Клеј Томпсон со 21 и Стеф Кари со 18 поени беа најефикасни во редовите на домаќинот, додека најпрецизен кај Мемфис беше Марк Гасол со 18 поени.