НБА: Кливленд ја зголеми предноста во дуелот со Бостон (ВИДЕО)

Кошаркарите на Кливленд Кавалирс пред своите навивачи ги совладаа Бостон Селтикс со 112:99 во четвртиот меч од финалето на Источната конференција во НБ лигата, со што дојдоа до водство од 3-1 во серијата до четири победи и се на чекор до големото финале во коешто ги очекува Голден Стејт Вориорс кои станаа прваци на Западната конференција.

Откако неочекувано дојдоа до победа во третиот натпревар, исто така игран во Кливленд, играчите на Бостон уште еднаш му пружија силен отпор на актуелниот шампион. Селтикс по првата четвртина имаа десет кошеви предност, а на половината од втората дојдоа и до 16 поени разлика (49:33). Меѓутоа, во продолжението се разиграа Кајри Ирвин и Леброн Џејмс. Од тој момент овој тандем успеа да постигне 60 поени, десет повеќе од целата екипа на Бостон.

Ивинг со 42 коша стаса до личниот рекорд во плеј-офот, а Џејмс мечот го заврши со 34 поени, шест асистенции и пет скокови. Кевин Лав додаде 17 кошеви, со дури 17 скокови и пет асистенции.

Ејвери Бредли постигна 19 поени за Бостон, Џеј Краудер додаде 18, Ал Хорфорд 16, а Кели Олиник 15 поени.

Петтиот натпревар од серијата ќе се игра во Бостон ноќта кон петокот во 2,30 часот по полноќ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.