НБА: Кливленд на чекор до финалето на Истокот (ВИДЕО)

Актуелниот шампиони во НБА, кошаркарите на Кливлнд Кавалирс поведоа со 3-0 во победите против Торонто Рапторс во полуфиналето од доигрувањето во Источната конференција, совладувајќи ги на гости со 115:94, и само уште една победа ги дели од пласманот во конференциското финале.

Кавалирс со седмата последователна победа во годинешниот плеј-оф, во првиот круг ги елиминираа Индијана Пејсерс со 4-0, стасаа благодарејќи на одличното влегување во последната четвртина од мечот во Торонто. Пред последните 12 минути Кливленд имаше разлика од само два поена (79:77), но тогаш прваците носени од својот најдобар играч Леброн Џејмс направија серија од 20:3 со којашто на пет и пол минути до крајот стасаа до недостижната предност од 99:80.

Џејмс ги предводеше Кавалирс со 35 кошеви, 8 скокови и 7 асистенции, додека Кевин Лав додаде 16 поени и 13 скокови. За Рапторс, кои играа без својот најдобар плеј Кајл Лоури, најдобар беше Демар Дерозан со 37 поени, но нити неговиот најдобар ефект во кариерата во доигрувањето не беше доволен да се спречат кошаркарите од Кливленд.

Кавалирс може дa се пласираат во финалето на Источната конференција веќе во недела кога на распоредот е четвртиот натпревар од дуелите со Рапторс, кој повторно ќе се игра во Торонто.

Сан Антониот Спарс поведоа со 2-1 против Хјустон Рокетс во полуфиналето на Западната конференција, благодарејќи на победата од 103:92 на гостувањето во третиот меч со која го надоместија поразот на домашен терен од првиот двбој од серијата до четири победи.

Спарс до втората последователна победа против Рокетс гои предводеа Кауај Ленард и Ламаркус Олдриџ, и двајцата постигнаа по 26 кошеви, а Ленард покрај тоа имаше и 10 скокови и 7 асистенции. Во домашната екипа далеку најефикасен беше Џејмс Харден со 43 поени.

Четвртиот натпревар ќе се игра, исто така, в недела во Хјустон.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.