НБА: “Кралот” Џејмс уште еднаш покажа зошто е најдобар !

Синоќа се одигра и вториот натпревар од финалната серија во НБА лигата помеѓу Голден Стејт и Кливленд, на која гостите славеа со 93:95.

Натпреварот повторно беше максимално неизвесен, а исто како и на првиот дуел, продолжението од пет минути го даде победникот, овојпат тимот на Кливленд.

Кавалирс ги немаа Кевин Лав и Кајри Ирвинг, но во своите редови го имаа “Кралот” Џејмс кој за 50 минути на теренот оствари трипл-дабл од 39 поени, 16 скока и 11 асистенции. Тоа е неговиот 13-ти трипл-дабл во плеј-офот во НБА.

Мора да се истакне дека Кливленд повторно имаше шанса во регуларниот дел од мечот да го реши прашањето околу победникот. На три минути пред крајот имаше дури 11 поени предност (83:72), но повторно ја прокоцка. До крајот, постигна само четири поени, а прими 15, а јунак можеше да биде Стеф Кари кој на осум секунди пред последниот звук на сирената израмни на 87:87.

Сепак, за разлика од првиот меч, сега Кавалирс беше сконцентрирани во продолжението. На 29 секунди пред крајот Голден Стејт имаше 93:92 во своја корист. Делаведова во следниот напад беше фаулиран и ги погоди двете слободни фрлања, а откако Кари утна на седум секунди пред крајот Леброн погоди од линијата, но само еднаш. Трагичар беше Кари кој во последниот напад ја загуби топката за израмнување на финалната серија на 1-1.

И покрај фантастичниот меч на Леброн, не смее да се заборави ефектот на неговите соиграчи. Тимофеј Мозгов беше големото изненадување со 17 поени и 11 скока, како и Тристан Томпсон кој постигна само 2 поени, но под кошевите прифати дури 14 топки.

Кај Вориорс, потфрли Кари со само 19 поени и очаен шут од поле 5/23 (2/15 за тројка), додека одлично одигра Клеј Томпсон со 34 поени.

За Голден Стејт, ова беше само трет пораз на домашен терен оваа сезона, но сега патуваат во Кливленд по барем една победа за да ја вратат серијата во Калифорнија. Третиот меч од серијата се игра утре вечер.