НБА: Ниту 23 поени предност не им беа доволни на Клиперси да слават против шампионот

Предизвикот синоќа беше голем, “воините” му гостуваа на силниот тим на ЛА Клиперс, кој згора на тоа во третата четвртина имаше предност од огромни 23 поени.

Сепак, Голден Стејт уште еднаш покажа карактер, до крајот на четвртината ја намали негативата на само шест поени, за на крајот заслужено да слави со 117:124.

Стеф Кари одигра уште еден феноменален меч постигнувајќи 40 поени, надополнети со 11 скокови, Томпсон додаде 25, а Барнс 21 поен во најновата победа на својот тим.

Доколку шампионот слави во следниот меч, ќе го израмни рекордот за најдобар старт на лигата што е во сопственост на Вашингтон (1948/49) и на Хјустон (1993/94).

Кливленд рутински си ја заврши задачата во пресметката со Милвоки, триумфирајќи со 115:100.

Гркот Антетокумпо со 33 поени беше недоволен за Милвоки да приреди сензација на ова гостување, со оглед на фактот дека Кливленд имаше неколку расположени кошаркари за игра, Леброн беше најефикасен со 27 поени, но овојпат доби и добра помош од Кевин Лав (22 поени, 15 скокови), Смит (18 поени) и Томпсон (12 поени и 11 скокови).

НБА резултати:

Кливленд – Милвоки 115:100
ЛА Клиперс – Голден Стејт 117:124
Мајами – Сакраменто 116:109