НБА: Убедливи победи на Кливленд и Хјустон (ВИДЕО)

Актуелниот шампион во НБА, Кливленд Кавалирс на својот терен со совлада тимот на Торонто Рапторс со 116:105, а Хјустон Рокетс со убедливи 126:99 славеа на гостувањето кај Сан Антонио Спарс во првите натпревари од вториот круг на плеј-офот во Источната конференција од најсилната кошаркарска лига на светот.

Кавалирс целосно го контролираа текот на мечот во „Квикен Лоанс“ арената и до крајот на третата четвртина имаа предност од 25 поени. Кливленд пред домашните навивачи до победата го предводеа Леброн Џејмс со 35 кошеви и 10 скокови, Кјири Ирвинг со 24 поени и 10 асистенции и Кевин Лав со 18 поени и 9 скокови. Калји Лоуври за гостите постигна 20 поени со 11 асистенции, а Демар Дерозан заврши со 19 поени.

Вториот меч во серијата ќе се игра ноќта од средата кон четвртокот, во 1 часот по полноќ по македонско време.

Хјустон во Сан Антонио ги шокираше домаќините уште во првото полувреме доаѓајќи до 30 поени предност (69:39). Најголемата разлика, пак, од 39 кошеви ја остварија во 42 минута (119:80), кога главните ѕвезди во гостинската екипа се повлекоа на клупата за резервни играчи.

Тревор Ејриза со 23 поени беше најефикасен кај Рокетсите кои постигнаа 22 „тројки“ од 50 обиди. Центарот Клинт Капела додаде 20 поени со 13 скокови, а Џејмс Харден дојде до 20 поени и 14 асистенции. Кејви Леонард за Спарсите постигна 21 кош, со 11 скокови и 6 асистенции. Сан Антонио од игра погодуваше само 37 отсто, 31 од 84 обиди.

Можноста за реванш пред своите навивачи Спарси ќе имаат во ноќта кон четвртокот, во 3,30 часот по полноќ, кога ќе се игра вториот меч во серијата до четири победи.

Ноќта кон средата, во 2 часот, се игра вториот натпревар од серијата меѓу Бостон и Вашингтон во која Селтикс водат со 1-0, а во Окленд Голден Стејт и Јута Џез, во 4,30 часот, ќе се соочат во првиот меч од серијата за место во финалето на Западната конференција.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.