НБРМ:Банките ликвидни, штедењето раст, девизниот пазар со поволни движења

Сигналите за стабилизација и натаму се присутни во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти ‒ штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи. Првичните февруарски податоци упатуваат на натамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, со што тие се зголемуваат девет месеци последователно. На девизниот пазар се задржани поволните движења, при што во првите два месеца од годината, збирно, НБРМ интервенира со нето-откуп на девизи. Девизните резерви и понатаму се на адекватно ниво. Поволните остварувања се во услови кога остварувањата и оцените за стабилноста на економските фундаменти и натаму се позитивни, наведуваат од НБРМ во денешното соопштението.

Во однос на економската активност, објавените проценети податоци за БДП за четвртиот квартал покажуваат раст на економијата, но малку посилен во однос на претходниот квартал (2,4 отсто наспроти 2 отсто, соодветно). Реалниот раст на БДП за целата 2016 година изнесува 2,4 отсто и речиси и не отстапува од проекцијата на НБРМ од 2,3 отсто за 2016 година. За првиот квартал од годината, бројот на расположливи високофреквентни показатели е ограничен и премногу е рано за посигурни констатации.

Февруарските податоци за движењето на цените во домашната економија покажуваат годишен раст на инфлацијата од 0,2 отсто, што, според НБРМ, е малку послаб раст на цените од очекувањата. Сепак, нагорните корекции на очекуваното движење за 2017 година кај влезните претпоставки за увозните цени упатуваат на потенцијални нагорни ризици во однос на проекцијата на инфлацијата во 2017 година, како последица на фактори на страната на понудата.

Во февруари, петти месеци по ред, продолжи зголемувањето на ликвидноста во банкарскиот систем, што се должи на редовните трансакции на државата, како и на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар за нето-откуп на девизи. НБРМ информира дека во февруари, на девизниот пазар се воочуваат вообичаени сезонски движења кај понудата и побарувачката од клиентите на деловните банки, при што нето-продажбата на девизи што банките ја остварија е на минатогодишното ниво. Сепак, во услови на солидна девизна ликвидност кон средината на месецот, на меѓубанкарскиот пазар се јави вишок понуда на девизи, што услови откуп на девизи на Народната банка во трансакциите со банките поддржувачи.

Во околности на натамошен раст на вишокот на денарски ликвидни средства, банките повторно го зголемиле износот на пласирани средства во расположливи депозити кај Народната банка. Нивната состојба достигнала високо ниво, односно 43 отсто од износот на средствата пласирани во основниот инструмент за монетарно регулирање. Растот на потенцијалната ликвидност на банките, која што тековно е насочена кон расположливите депозити кај Народната банка, се одвива во околности на намалена кредитна побарувачка во последниот период, што е резултат на неизвесноста поврзана со политичката криза. Во такви околности, како и поради тоа што банките немаат можности да инвестираат во други домашни долгорочни финансиски инструменти, на седницата е заклучено да се повлече дел од овие средства, кои веќе добиваат карактер на структурен вишок на ликвидност во банкарскиот систем.

Во услови на зголемена ликвидност во банкарскиот систем, на седницата е одлучено понудата на благајнички записи да се зголеми на 30.000 милиони денари, односно за 5.000 милиони денари повеќе од нивото на достасаните благајнички записи (25.000 милиони денари). Каматната стапка на благајничките записи изнесува 3,25 отсто, колку што изнесуваше и на претходната аукција.

Првичните податоци за февруари 2017 година покажуваат натамошен раст на штедењето на населението, деветти месец последователно. Сепак, вкупната депозитна база во февруари повторно забележа месечен пад, како последица на намалувањето на депозитите на претпријатијата. Ваквите остварувања доведоа до забавување на годишната динамика на раст на депозитите, сепак нивото на депозитите е повисоко во однос на очекувањата.

Во однос на кредитната активност, првичните податоци заклучно со февруари покажуваат продолжување на растот на кредитите на годишна основа и задржување на трендот на поизразено кредитирање на секторот „население“. Последните податоци за кредитната активност упатуваат на послаби остварувања во однос на проектираните за првиот квартал на 2017 година, согласно со октомвриската проекција.

Податоците за девизните резерви во февруари, во однос на крајот на 2016 година, покажуваат пад, во голем дел како резултат на фактори од привремен карактер. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви,како што појаснуваат од НБРМ, покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, за почетокот на годината се достапни податоци за менувачкиот пазар заклучно со втората декада од февруари, што упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери што се блиски во однос на очекувањата. Исто така, и последните расположливи податоци за надворешната трговија за јануари не упатуваат на остварувања различни од проектираните.

На седницата беше заклучено дека оценките за стабилноста на економските основи и натаму се позитивни. Ризиците од домашните политички случувања сѐ уште се присутни и изразени. Воедно, и ризиците од глобалното окружување се повторно актуелни.

НБРМ, посочуваат, и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата, а идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од натамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент.