Економија

НБРМ: Економијата и натаму ќе расте, пазарите и банките стабилни

НБРМ: Економијата и натаму ќе расте, пазарите и банките стабилни

Економијата и натаму ќе расте, веројатно со сличен интензитет како и во третиот квартал, а финансиските пазари и банкарскиот сектор ќе останат на стабилно ниво,  беше, меѓудругото, утврдено на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика Народна банка.

На домашните финансиски пазари, во јануари ликвидноста на банките, под влијание на автономните фактори, и натаму е на стабилно ниво, а банките ги користеа монетарните инструменти за надминување на краткорочните ликвидносни флуктуации.

Истовремено, на меѓубанкарскиот пазар на депозити беше забележана зголемена активност, и тоа на подолги рочности, што упатува на поволни трендови кај овој сегмент од финансиските пазари. Јануарските податоци упатуваат на поволни движења и кај депозитниот потенцијал на банките, којшто и натаму се зголемува, но побавно на месечна основа, што е вообичаено за овој период од годината и е во согласност со очекувањата од октомвриската проекција.

Според првичните податоци за кредитните текови, во јануари е остварен месечен раст на кредитите насочен, во целост, кон секторот „население“. Остварената кредитна активност е во согласност со очекувањата од октомвриската проекција, а поволни се и краткорочните согледувања на банките за кредитните услови и за идната побарувачка на кредити во следниот квартал, дадени во рамките на најновата Анкета за кредитната активност. Сепак, надолните ризици околу кредитниот раст и понатаму се присутни.

Високофреквентните показатели за последното тримесечје покажуваат дека економијата и натаму ќе расте, веројатно со сличен интензитет како и во третиот квартал. Овие оцени, во голема мера, се засноваат врз натамошните поволни движења кај клучните економски сектори, пред сѐ кај градежниот и индустрискиот сектор.

Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Во отсуство на нови податоци за инфлациските остварувања од почетокот на годината, и натаму се укажува на претежно надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2014 година, од 2,3 отсто, утврдени во јануарскиот преглед на тековната состојба.

Овие оцени ја одразуваат пониската остварена стапка на инфлација на крајот на 2013 година, во однос на проектираната и јануарските ревизии на светските цени на храната и нафтата.

На почетокот на годината, остварувањата во САД и евро-зоната упатуваат на закрепнување на економската активност во двата региони со очекуваната динамика. Показателите за американската економија даваат оптимистичка слика, па се очекува дека економскиот раст ќе забрза во текот на 2014 година.

Показателите за економските очекувања во евро-зоната посочуваат на умерен раст на почетокот на првото тримесечје од 2014 година, но неповолните тенденции кај монетарните показатели и инфлацијата го зголемуваат притисокот за преземање дополнителни мерки за монетарно олабавување. Сепак, на почетокот на февруари изостана одлуката за намалување на основната каматна стапка на ЕЦБ.

Податоците за девизните резерви за јануари 2014 укажуваат на нивно сезонско намалување, што беше очекувано во рамки на проекциите на билансот на плаќања. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Во услови на стабилни движења, но кога сѐ уште има ризици поврзани со надворешното окружување, а особено имајќи ги предвид очекуваните ефекти од мерките преземени претходно од страна на Народната банка, Комитетот утврди дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна.

Имајќи ги предвид најновите макроекономски, финансиски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на ниво од 3,25 отсто.

Воедно, како дополнување на неодамна донесената Методологија за утврдување на потенцијалната побарувачка за благајнички записи, Комитетот ја ревидира каматната стапка на расположливите депозити на 7 дена, со што таа се приближи до каматната стапка на расположливите депозити преку ноќ. Со ова се истакна улогата на овие инструменти, коишто служат исклучиво за балансирање на краткорочните ликвидносни флуктуации, а воедно се зајакнува механизмот за натамошно насочување на вишокот ликвидни средства на банките во подолгорочни инвестиции.