Македонија

НБРМ: Економијата и натаму закрепнува без ценовни притисоци

НБРМ: Економијата и натаму закрепнува без ценовни притисоци

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци.

Ова го оценува Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани најновите макроекономски показатели и проекции во контекст на нивните ефекти врз поставеноста на монетарната политика, пренесува МИА.

Според Комитетот во вакви услови постои соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно е оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку досегашните преземени мерки на монетарната политика. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период главно ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.

Податоците за економската активност за 2014 година покажаа дека закрепнувањето на економијата е солидно и се одвива со очекуваното темпо. Во услови на задржување на претпоставките за понатамошно подобрување на глобалното окружување, зголемено искористување на потенцијалот на странските извозни капацитети, фискален стимул врз инвестициите и постепено закрепнување на потрошувачката, се задржуваат октомвриските оцени за дополнително забрзување на растот на домашната економија во 2015 година и во 2016 година. И покрај закрепнувањето на економијата и понатаму не се очекуваат поголеми притисоци од побарувачката преку забрзување на инфлацијата и влошување на надворешната позиција. Инфлациските изгледи за 2015 година се коригирани во надолна насока, како одраз на значително пониските увозни цени. За 2016 година и понатаму се очекува нормализирање на инфлацијата, како комбинација од растечката побарувачка и растот на увозните цени. Проекциите упатуваат на задржување на инфлацијата во следниот период во прифатливи рамки.

Во надворешниот сектор, и остварувањата и најновите проекции покажуваат помал дефицит во тековната сметка споредено со очекуваниот, се наведува во соопштението во кое се додава дека ваквите отстапувања главно се последица на помалите притисоци врз надворешниот сектор заради многу пониските цени на нафтата од очекуваните, но и на фундаментални подобрувања заради структурните промени во извозниот сектор. Во следните две години и понатаму се очекува зголемување на дефицитот во тековната сметка, при оцени за стабилизирање на нивото на приватните трансфери, а делумно и заради увозните притисоци од инвестициите. Проекциите и понатаму покажуваат доволно капитални приливи за финансирање на дефицитот во следниот двегодишен период.

Девизните резерви се проценува дека ќе се задржат на адекватно ниво шпто е доволно за справување со евентуални непредвидливи шокови.

Поддршката на економијата преку домашниот банкарски сектор, којашто значително се зголеми во 2014 година, се очекува да продолжи и во следните две години, со идентично темпо, како и во октомвриските проекции. Овие очекувања Комитетот ги темели врз претпоставките за  понатамошни позитивни движења кај приватниот сектор како главен фактор на страната на побарувачката на кредитите, како и на растот на депозитната база и задржувањето на стабилните перцепции на банките за ризикот како главен фактор на страната на понудата.

Ликвидноста на банките е задржана на релативно стабилно ниво. Во април, автономните фактори, втор месец по ред, делуваа во насока на пад на ликвидноста, што придонесе за понизок износ на пласирани вишоци на ликвидни средства од страна на банките во краткорочни депозити кај Народната банка. На пазарот на пари, поголем дел од прометот се реализираше на сегментот со меѓубанкарски необезбедени депозити, а тргување имаше и на секундарниот пазар со хартии од вредност. Во услови на висока ликвидност, во април продолжи трендот на намалување на меѓубанкарската каматна стапка, така што таа се сведе на ниво под 1 отсто. На девизниот пазар, во услови на интензивна извозна активност на капацитетите од слободните економски зони, позитивни остварувања на традиционалните извозни сегменти, а воедно и забрзана градежна активност, поврзано со инфраструктурни проекти, продолжија позитивните движења. Од почетокот на годината понудата на девизи е повисока на годишна основа, а побарувачката е умерено пониска споредено со овој период лани, заради понискиот увоз на нафта и електрична енергија. Во такви услови, при истовремено подобрена девизна ликвидност на банкарскиот систем, привремените вишоци и кусоци на девизи се надоместуваат на меѓубанкарскиот девизен пазар, а девизниот курс се одржува на стабилно ниво.

Општо земено, последните макроекономски прогнози укажуваат на задржување слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции, со оцени за солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и надворешна позиција којашто обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво.

Според Комитетот ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и натаму клучни се од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Надворешните ризици се, како што наведуваат во соопштението, урамнотежени во однос на октомвриската проекција, пред сè заради подобрите очекувања за економиите од евро-зоната. Од друга страна, основната априлска макроекономска проекција е проследена со нови ризици, поврзани со домашни неекономски фактори – неизвесност околу политичките случувања – кои може неповолно да се одразат врз домашната економија.

Од НБРМ истакнуваат дека и во следниот период ќе ги следат движењата и доколку е потребно ќе направат соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на целите на монетарната политика.