НБРМ: Економијата ќе расте со забрзано темпо со стапка од 3,7 отсто

Народната банка на Македонија за следните две години, 2014-та и 2015-та, предвидува раст на економијата со забрзано темпо, со очекувана стапка на раст на бруто домашниот производи од 3,7 отсто оваа и 4,4 отсто следната година, беше утврдено на Советот на НБРМ, кој што денеска ја одржа својата прва седница за оваа година.

„Досегашните остварувања во реалната економија и најновите расположливи податоци упатуваат на натамошен солиден економски раст, на годишно ниво, и на остварување на проектираниот раст на БДП од 3,3 отстоза целата 2013 година. За следниот период (2014 и 2015 година), според октомвриската проекција, се предвидува натамошен раст на економијата, но со забрзано темпо, со очекувана стапка на раст на БДП од 3,7 отсто и 4,4 отсто, соодветно“, стои во соопштението на НБРМ.

Клучните макроекономски параметри во домашната економија главно се совпаѓаат со проекциите од октомврискиот циклус. И покрај тоа што закрепнувањето на странската побарувачка се одвива бавно и во првите три квартали од годината, домашната економија повторно имаше солиден раст (3,3 отсто годишна стапка на раст во третиот квартал) заснован врз специфичните фактори, како што се влезот на новите странски инвестиции и фискалниот импулс.

Во текот на последниот квартал од годината, како што нотира НБРМ, монетарните услови беа непроменети, така што максималната каматна стапка на аукциите на благајнички записи се’ уште е на нивото од 3,25 отсто.

Инфлациските притисоци и натаму се намалуваат, а во последните месеци и со малку поголем интензитет од очекуваниот. Освен кај вкупната инфлација, забавување беше забележано и кај базичната инфлација, што беше во согласност со проектираните движења. Растот на потрошувачките цени во четвртиот квартал се сведе на нивото од 1,3 отсто, на годишна основа. Со тоа, просечната годишна инфлација за 2013 година изнесува 2,8 отстои во целост се совпаѓа со проекциите.

„Во четвртиот квартал, кредитната активност значително забрза, при солиден раст на депозитниот потенцијал на банките, што особено беше изразено во последниот месец од кварталот. Воедно, забележана е и промена во структурата на кредитирањето, во полза на кредитите насочени кон корпоративниот сектор. Овие поволни остварувања претставуваат индикација за можно стабилизирање на согледувањата на банките за ризиците од пласманите во овој сектор, што делумно може да произлегува и од досегашното монетарно олабавување“, се наведува во соопштението на највисоката монетарна институција во земјава.

Во рамки на надворешниот сектор, како што се наведува во соопштението, поволните остварувања придонесоа за помал пад на девизните резерви во однос на проектираниот, така што показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се поволни, укажувајќи на комфорно ниво за апсорбирање на потенцијалните непредвидени шокови.

„Општо земено, последните остварувања укажуваат на слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции, при платнобилансна позиција којашто обезбедува раст и одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и натаму клучно се од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и со движењата на цените на примарните производи на светските берзи“, се наведува во соопштението.

На седницата беше усвоена и Одлуката за општите услови за отворање сметки во Народната банка на Република Македонија со која се врши усогласување на постапката за отворање и затворање сметки согласно со измените на Законот за трговските друштва и Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.