НБРМ: Економијата продолжува да расте

Економијата во последниот квартал од 2014 година имаше посилен раст во однос на очекувањата, а ваквиот тренд се очекува да се задржи и во првото тримесечје од годинава, пишува МИА.

Според последните објавени податоци на Народната банка на република Македонија, носители на растот се домашната побарувачка и извозот, но сепак импулсот од инвестициите е посилен од очекуваниот, за сметка на послабиот ефект од приватната потрошувачка.

Податоците за кредитниот пазар во декември покажуваат натамошно засилување на растот на кредитите на месечна основа при што поголемиот дел новото кредитирање во декември насочено е кон корпоративниот сектор, при што кредитите на претпријатијата учествуваа со 87 отсто во растот на вкупните кредити.

Ваквите движења придонесоа за надминување на проектираниот раст за четвртиот квартал согласно со октомвриската проекција. Со тоа, годишната стапка на раст на вкупните кредити во декември изнесува 10 отсто, што е над проекцијата за четвртиот квартал од 8,7 проценти.

Во однос на депозитниот потенцијал, во текот на декември значително е засилуена месечната динамика на раст подеднакво поддржана од растот на депозитите на домаќинствата и растот на депозитите на корпоративниот сектор.

Девизните резерви на крајот на годината изнесуваат 2.436,48 милиони евра. Забележаа намалување но и натаму се движат во сигурна зона.

НБРМ наведува дека движењата на девизниот пазар беа поволни, при што во последната недела од декември беше откупен висок износ на девизи.