НБРМ ја задржа постојната каматна стапка на благајничките записи на 3,2 отсто

Во актуелните услови на домашата економија, а при присуство на одредена неизвесност и ризици, каматната стапка на благајничките записи е задржана на непроменето ниво од 3,25 отсто, известуваат во средата од Кабинетот на гувернерот на Народна банка на Република Македонија, Димитар Богов, откако во вторникот се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на којашто беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

 

„На седницата на Комитетот, постојната монетарна поставеност беше оценета како соодветна на тековните услови во економијата. Комитетот оцени дека најголем дел од показателите битни за монетарната политика се поволни и не отстапуваат од очекувањата, но сепак постојат пунктови каде што е потребна одредена внимателност. Притоа, особено битни се движењата на девизниот пазар коишто се стабилни, со вообичаени сезонски движења и без присутни притисоци, а показателите за девизните резерви остануваат на адекватно ниво. Во вакви услови, а при присуство на одредена неизвесност и ризици, каматната стапка на благајничките записи беше задржана на непроменето ниво од 3,25 отсто“, се истакнува во соопштенеито на НБРМ.

На седницата било извршено редовно преиспитување на трендовите кај ликвидноста на банките, во контекст на одлуките околу понудениот износ и висината на каматната стапка на основниот инструмент, благајничките записи. Притоа, е констатирано дека од почетокот на март, кога поради значителен пораст на вишокот на денарски ликвидни средства на банките, износот на благајнички записи беше зголемен од 25.000 на 30.000 милиони денари, заклучно со крајот на првата декада од јуни, ликвидносниот потенцијал на банките забележал намалување, а се очекува ова движење да продолжи и во претстојниот период на задолжителна резерва. Имајќи го предвид падот кај ликвидноста на банките, на седницата на Комитетот беше одлучено да се изврши соодветно намалување на износот на благајнички записи.

Во таа смисла, на седницата на Комитетот е одлучено на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 12 јули, понудата да изнесува 27.500 милиони денари, односно да биде пониска за 2.500 милиони денари во однос на достасаниот износ.