НБРМ: Кире Наумов наместо да се соочи со политичките противници, тој се нафрла врз гувернерот

Народната банка на Македонија остро реагира на колумната на Кире Наумов од опозициската СДСМ, во врска со јавниот и надворешниот долг.

„Деновиве, Народната банка е повторно мета на шпекулации пласирани од Кире Наумов. Веќе станува негов стил, секогаш пред изборите, наместо да се соочи со своите политички противници, тој да се нафрлува врз Народната банка и врз гувернерот. Тоа секако не е случајно, бидејќи токму Народната банка е главниот столб на макроекономската стабилност на македонската економија и затоа е цел на сите што сметаат дека би имале корист од нејзиното нарушување. Ќе потсетиме дека г. Наумов, во неговите колумни во последните пет години, неколку пати најавуваше дека ќе се случи девалвација на денарот. Денарот остана стабилен, а кредибилитетот на г. Наумов е девалвиран. Токму затоа не ѝ придадовме внимание на неговата колумна од минатата сабота на тема јавниот и надворешниот долг, но бидејќи вчера ги повтори истите шпекулации, ќе ја информираме јавноста за некои факти коишто веќе добро им се познати на економистите“, стои во соопштението на НБРМ.

Податоците за долгот на централната влада и за јавниот долг во ниедна земја во Европа не се надлежност на централната банка. Податоците се јавно достапни на веб-страницата на Министерството за финансии, на врските: http://finance.gov.mk/files/u4/stojba_na_dolg_na_centralna_vlada_31_12_2013_0.pdf  и http://finance.gov.mk/files/u9/a_Pretpristapna_Ekonomska_Programa_2014-2016.pdf. Во нив се вклучени и податоците произведени од Народната банка за надворешниот долг на централната влада и на јавните претпријатија.

Податоците за надворешниот долг се во надлежност на Народната банка, којашто има редовен календар на објавување. Табелите со податоците за состојбата на надворешниот долг на 30 септември 2013 година се објавени на 31 декември 2013 година на интернет-страницата на Народната банка.

„Токму од минатата година, Народната банка покрај основните табели, започна со објавување детаљна аналитичка табела за јавниот надворешен долг. Тоа е целосна транспарентност од Народната банка. Сето она што го имаме на располагање како податок за јавниот надворешен долг ѝ е достапно и на јавноста. Овој податок за јавниот надворешен долг е преземен и од Министерството за финансии при изработката на Претпристапната економска програма 2014-2016. Единствено поради методолошки разлики се јавува разликата од 21 милион евра на 30 септември 2013 година“, стоти подолу во соопштението на НБРМ.

Методолошките разлики, како што наведуваат оттаму се: Народната банка го пресметува надворешниот долг вклучувајќи ја пресметаната, а недостасана камата, додека Министерството за финансии ја зема предвид само главницата;  Министерството за финансии ги објавува податоците 30 дена по завршување на периодот, а НБРМ по 90 дена, поради што се можни разлики кај податоците што се добиени подоцна од единиците за известување; НБРМ го пресметува долгот според пазарната вредност, додека Министерството за финансии според номиналната. Најголем дел од разликата од 13 милиони евра е поради првата методолошка разлика.

„Пресметката на бруто домашниот производ, како и секаде во Европа, е во надлежност на Државниот завод за статистика. За годините до 2012, за кои има прелиминарен или дефинитивен податок, Министерството за финансии и Народната банка ги користат ваквите податоци во своите анализи и презентации. За 2013 година, прелиминарен податок за БДП ќе има кон крајот на оваа година. Во меѓувреме, Министерството за финансии и Народната банка користат свои проценки добиени врз основа на моделите коишто ги користат, што е вообичаена практика насекаде во Европа. Која проценка ќе биде поблизу до прелиминарниот податок произведен од Државниот завод за статистика ќе се види кон крајот на годината“, се наведува подолу во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.