НБРМ ќе издаде ковани колекционерски пари од сериите „Близнаци“ и „Рак“

Советот на Народната банка на Република Македонија денеска усвои одлуки за издавање и за пуштање во оптек на 7.000 парчиња ковани пари за колекционерски цели „близнаци’’ и „рак’’ од серијата „хороскопски знаци’’. Кованите пари „Близнаци’’ и „Рак’’ се со апоен од 10 денари.

На седницата на Советот е усвоен Извештајот за работењето на внатрешната ревизија за 2014 година, при што е констатирано дека Дирекцијата за внатрешна ревизија целосно ја спровела програмата за работа. Во 2014 година се извршени 18 редовни ревизии на 35 работни процеси, при што за утврдените наоди се дадени 61 препорака за подобрување на системот на интерни контроли. На редовна квартална основа се следело спроведувањето на дадените препораки и сознанијата од извршените следења укажуваат на тоа дека препораките главно се почитуваат и се остваруваат во зададените рокови. Нивото на остварување на дадените препораки во 2014 година е исполнето со 96,4 проценти, соопшти НБРМ.

Советот на НБРМ усвои и нов Правилник за истражувачка активност, кој овозможува натамошно унапредување на рамката за истражувачката активност и нејзино усогласување со светските практики. Правилникот обезбедува средина во која се стимулира истражувачката активност и ги поттикнува вработените за објавување трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание, во функција на натамошно зајакнување на институционалниот капацитет и поширока промоција на институцијата, се вели во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.