НБРМ: По шест години раст, пад на добивката на банките

Народна банка соопшти во четвтрокот дека првпат по шест години раст, минатата година добивката на банкарскиот сектор забележала пад, но и натаму е на солидно ниво.

На седницата Советот на Народна банка во четвртокот е одлучено повторно банката да ја продолжи примената на нестандардната мерка за намалување на основата за задолжителна резерва во денари за деловните банки за износот на новоодобрени кредити на нето извозници и на домашни производители на електрична енергија за дополнителни две години.

Централната финансиска институција во земјата Народната банка на Македонија (НБРМ) очекува банките да продолжат со активна кредитна поддршка на овие  компании преку широка понуда на нови кредитни производи и поповолни каматни стапки.

Кредитниот раст од 0,3 насто во третиот квартал е побавен во однос на претходниот и произлегува од зголемувањето на кредитите на домаќинствата, се вели во соопштението на Народна банка.

Вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем се намалиле за два отсто, на квартална основа. Нефункционалните кредити на домаќинствата бележат забрзан пораст присутен уште од почетокот на 2017 година. Истовремено, има зголемување на пролонгираните и на кредитите кај кои задоцнувањето е меѓу 61 и 90 дена, што укажува на потребата од повнимателно следење и на ова портфолио, се вели во соопштението на Народната банка.