НБРМ: Поволни трендови во економијата и зголемување на кредитната поддршка

Во првото тримесечје од оваа година се задржија поволните трендови во економија, а беше забележана и поголема кредитна поддршка, беше, меѓудругото, утврдено на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани најновите макроекономски показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Податоците за економската активност за лани ги потврдија очекувањата за солидно закрепнување на домашната економија, со остварен реален раст на БДП од 3,1отсто.

Најновите високофреквентни показатели за првото тримесечје од 2014 година упатуваат на задржување на овие поволни трендови. Показателите за индустријата и градежништвото покажуваат понатамошен раст на активноста во овие сектори, во услови на постепено закрепнување на странската побарувачка, раст на активноста на новите капацитети и фискален стимул во градежниот сектор.

Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Постепеното намалување на инфлациските притисоци се потврди и со најновите податоци за трошоците за живот за март 2014 година. Имено, инфлацијата се’ уште забавува на годишна основа, а просечната инфлација за првите три месеци и натаму е стабилна и изнесува 0,6 отсто. Забавување на годишниот раст беше забележано и кај базичната инфлација. Ваквите движења на инфлацијата главно се поврзуваат со ефектите од движењето на светските цени на храната и енергијата врз домашните цени. Мартовските податоци за инфлацијата ги потврдија претходните оценки за претежно надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2014 година.

Првичните податоци за кредитниот пазар за март упатуваат на понатамошно зголемување на кредитната поддршка на економијата преку банкарски кредити и забрзување на месечниот и годишниот раст на кредитите. Притоа, на кредитниот пазар имаше кредитни текови насочени кон двата сектора, претпријатијата и населението, со поголем придонес на корпоративниот сектор.

Остварената кредитна активност е поголема во однос на очекувањата од октомвриската проекција. Сепак, и натаму постојат веќе објавените надолни ризици околу кредитниот раст до крајот на годината, коишто се поврзани со согледувањата на банките за ризикот на побарувачката и конзервативните стратегии на големите банкарски групации коишто со своите банки-ќерки се присутни на домашниот пазар. Во март, поволни беа и движењата кај депозитниот потенцијал на банките, којшто и натаму се зголемува. Растот е резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со најголем придонес на корпоративниот сектор.

Ликвидноста на банките во март се намали под влијание на сезонските фактори, што услови зголемено меѓубанкарско тргување на пазарот на депозити, особено со рочност до еден месец.

На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори. Согласно со последните податоци, девизните резерви и натаму се намалуваат и се движат по проектираната патека. Имено, проекцијата за билансот на плаќања од октомври упати на потреба од финансирање на дел од дефицитот во тековната сметка преку девизните резерви во првата половина од годината, по што согласно со проектираните текови се очекува нивно зголемување. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат на доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.

На глобалните финансиски пазари, движењата во март беа под влијание на најавите од страна на ФЕД за порано затегнување на монетарните услови во однос на претходните најави, преку побрза и позначителна корекција на основната каматна стапка. Во евро-зоната, во услови на очекувања за умерено забрзување на економската активност во првиот квартал од годината, но при сe уште висока невработеност и отсуство на ценовни притисоци, Европската централна банка во април ја задржа основната каматна стапка на истото ниво.

Од аспект на ризиците, и натаму има ризици поврзани со надворешното окружување, а случувањата во Украина се’ уште претставуваат дополнителен фактор на ризик. Овие случувања создаваат ризици за нестабилност на светските цени на енергентите и на житните производи, а воедно може да имаат влијание и врз очекуваното економско закрепнување.

Последните оцени покажаа дека поддршката на економијата преку досега извршеното монетарно олабавување е доволна, во услови кога реалниот сектор на економијата заздравува со предвиденото темпо, а кредитната поддршка на банките е засега подобра од оцените.

Имајќи ги предвид најновите макроекономски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено да се задржи тековната монетарна поставеност и на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на нивото од 3,25 отсто.

Народната банка ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.