НБРМ: Позитивни движења на девизниот пазар

Советот на Народната банка на Република Македонија денеска ја одржа својата четиринаесетта седница на која беше разгледан Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал од 2016 година, при што се констатира дека дојде до постепено стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, што доведе до позитивни движења на девизниот и смирување на случувањата на сите сегменти на депозитниот пазар.

Стабилизацијата во третиот квартал позитивно се одрази на банкарското работење во целина. Квартален раст е забележан како кај корпоративните депозити, така и кај депозитите на секторот „домаќинства“, а речиси еднаков придонес за формирање на растот на вкупните депозити забележаа и денарските и девизните депозити. Сепак, претходно забележителниот процес на денаризација забави, а најголем придонес во кварталниот раст на депозитите имаа депозитите по видување.

Намалувањето на ризиците во третиот квартал се гледа од растот на ликвидните средства на банките од 5,5% во третиот квартал. Растот овозможи речиси целосно обновување на ликвидните средства што се употребија во текот на вториот квартал за амортизирање на кризната епизода со одливот на депозитите.

Кредитите на нефинансиските субјекти бележат квартално зголемување од 0,2%, а годишно од 2,9%. Доколку се изземат ефектите од задолжителниот пренос на дел од нефункционалните кредити кварталното зголемување на кредитната активност би изнесувало 0,5%, а годишното 7,4%. Фактори што би можеле да влијаат во насока на остварување на кредитниот ризик се првенствено нивото на концентрација во кредитните портфолија на банките, неможноста за наплата на воспоставеното обезбедување за кредитите по прифатлива цена и присуството на кредити каде што потешко може навреме да се воочат финансиските проблеми на клиентот.
Банките се изложени и на ризик од идно зголемување на каматните стапки, но широката примена на прилагодливите каматни стапки во договорите за кредити и депозити вршат замена на овој вид ризик со изложеност на правен и репутациски ризик, притоа преземајќи индиректен кредитен ризик поради чувствителноста на кредитоспособноста на клиентите од нагорни промени на каматните стапки.

Во текот на првите девет месеци од 2016 година, банките покажаа повисок износ на добивка од работењето споредено со истиот период минатата година, а со тоа се подобрија и стапките на поврат на капиталот и средствата.

Показателите за солвентноста на банките во третиот квартал од 2016 година покажаа мало подобрување. Стапката на адекватност на капиталот на крајот од третиот квартал на 2016 година изнесува 15,7% и овозможува доволен простор за апсорбирање на евентуалните неочекувани загуби на банките. Поволен факт е и доминантното место на основниот капитал во структурата на основните средства.

На денешната Седница беше разгледана и донесена и Одлуката за изменување на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот. Оваа Одлука се носи за усогласување на домашната регулатива со реформите на меѓународниот капитален стандард Базел 3, како и со одредбите на европската Регулатива 575/2013 за прудентните барања за кредитните институции и инвестициските фирми, во делот на структурата на сопствените средства на банките. Најзначајните измени се однесуваат на зајакнување на квалитетот на сопствените средства, како од аспект на нивната структура, така и од аспект на критериумите што треба да ги исполнат одредени позиции за да можат да бидат дел од сопствените средства на банките. Воедно, постоечките ограничувања во однос на учеството на одделните елементи на сопствените средства се заменуваат со законски пропишаните минимални стапки од активата пондерирана според ризиците и тоа: 4,5% за редовниот основен капитал, 6% за основниот капитал и 8% за сопствените средства. На овој начин, најголемо значење се дава на позициите од редовниот основен капитал (акции, резерви, задржана нераспоредена добивка), како капитални позиции со највисок квалитет. Исто така, се воведува и нова компонента на сопствените средства: додатен основен капитал, во кој се вклучуваат инструменти коишто, меѓу другото, содржат клаузула за нивно претворање во инструменти од редовниот основен капитал или за нивен отпис на времена или на трајна основа (намалување на вредноста на нивната главница), доколку настане т.н. критичен настан.

На седницата беше усвоена и Програмата за работа на Народната банка на Република Македонија за 2017 година, којашто содржи детален преглед на планираните активности за следната година. Во рамките на актите коишто се однесуваат на работењето на Народната банка на Република Македонија за следната година, Советот ги разгледа и ги усвои и Програмата за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија за 2017 година и Среднорочната програма за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија 2017 – 2019 година. На денешната седница, Советот на Народната банка на Република Македонија ги разгледа и ги усвои и Финансискиот план, Планот за инвестиции и Планот за јавните набавки за 2017 година.

Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на комплетот ковани пари за колекционерски цели „Триптих“ во количина од 5000 парчиња. Комплетот ковани пари за колекционерски цели „Триптих“ го сочинуваат следниве ковани пари за колекционерски цели: „Исус Христос“, „Богородица“ и „св. Никола Чудотворец“. Овие ковани пари се со апоен од 10 денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.