НБРМ: Растот на македонската економија годинава 3,7, а догодина 4,1 отсто

Растот на македонската економија според најновите проекции на Народната банка на Република Македонија за годинава ќе изнесува 3,7 проценти, за наредната 4,1 отсто, а во 2016 година 4,5 проценти, јавува МИА.

Најновите проекции беа изнесени денеска на прес-конференција во Народната банка на Република Македонија според кои нема промени во однос на оваа и на 2016 година, а само надолна корекција има за предвидениот раст за 2015 година поради очекувањата за понеповолното надворешно опкружување. Претходната проекција на НБРМ за растот за 2015 година беше 4,4 проценти.

– Променетата оценка за динамиката на растот на домашната економија е со мало приспособување на понеповолното надворешно окружување, истакна гувернерот Димитар Богов на прес-конференцијата.

Тој додаде дека растот на БДП ќе биде воден од домашната побарувачка, односно инвестициите и личната потрошувачка и од растот на извозниот потенцијал.

Инфлацијата пак за годинава се проценува дека ќе биде околу 0 проценти, а за 2015 година ќе изнесува околу 1 процент. За 2016 година стапката на инфлација ќе се движи околу 2 проценти.

Банкарскиот систем и понатаму ќе остане стабилен и се очекува стапките на кредитен раст во следните две години да бидат на ниво од 9 до 10 проценти.

– Се очекува растот на депозитите и расположливите странски кредитни линии, подобрените согледувања на банките за ризиците и подобрувањето на глобалниот амбиент да овозможат одржување на стапките на крединиот раст на ниво од 9 до 10 проценти годишно во 2015 и 2016 година, рече Богов.

Кредитите во БДП во 2016 година ќе бидат близу 52 проценти што е пораст за околу 10 процентни поени што, според гувернерот Богов, е солиден раст имајќи предвид во каков период се наоѓаме.

Од последниот квартал на 2013 година до септември годинава има забрзување на кредниот раст до 9,4 проценти.