НБРМ: Закрепнувањето на домашната економија позитивно влиаје на банките

Советот на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) на денешната седница го разгледа Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за третиот квартал за 2014 година и притоа заклучи дека закрепнувањето на домашната економија позитивно влијаеше на деловните банки.

– Депозитите на нефинансиските лица забрзано растеа, додека растот на кредитирањето забави, за сметка на зголемувањето на ликвидната актива. Сепак, годишните промени покажуваат забрзан раст и на кредитите. Заедно со заживеаното кредитирање во октомври 2014, промените упатуваат на тоа дека деловните банки очекуваат постепено подобрување во профилот на ризик на кредитната побарувачка, како и на подобрени преносни ефекти од досегашното монетарно олабавување. Позитивниот тренд на промени во валутниот профил на изворите на средства и пласмани на банките продолжи и во 2014 година, се наведува во соопштението.

Кредитниот ризик и натаму останува во фокусот на вниманието, стои во текстот, при што во третиот квартал растот на нефункционалните кредити забрза и нивното учество достигна 12,2%. Сепак, адекватноста на капиталот која изнесува 16,5%, како и високата покриеност на сопствените средства со издвоената исправка на вредност, значи дека банкарскиот сектор и натаму е солвентен и отпорен на хипотетички шокови.

– Во услови на позитивни економски движења, а поаѓајќи од постојната структура и кредитно портфолио на банките, како и од ниската ризичност на кредитите кои достасуваат во наредната година, не се очекува позначително натамошно зголемување на нефункционалните кредити, соопшти НБРМ.

И на крајот на третиот квартал, ликвидната актива овозможува задоволителна покриеност на краткорочните обврски на банките. – Профитабилноста на банкарскиот систем продолжи да се подобрува, а за тоа најмногу придонесоа намалените каматни расходи и намалената исправка на вредноста на финансиските средства на банките. Основните показатели за профитабилноста на банките, повратот на активата и капиталот се двојно зголемени и изнесуваат 0,9% и 7,6% соодветно. Исто така, видно е подобрена и оперативната способност на банките за создавање приходи коишто ги покриваат расходите од нивното работење, се наведува во соопштението.

На седницата на Советот на Народната банка беше усвоена и Програмата за работа на НБРМ за 2015 година, во која детаљно се разработуваат планираните активности за наредната година, што овозможува поефикасно следење на статусот на остварувањето на утврдените стратегиски цели од Стратегискиот план на Народната банка за периодот од 2015 до 2017 година.

Советот, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ја усвои и Одлуката за пуштање во оптек кована пара за колекционерски цели „Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија“. Кованата пара е со апоен од 100 денари во 5000 парчиња.

Во рамките на актите коишто се однесуваат на работењето на Народната банка на Република Македонија за следната година, Советот ги разгледа и ги усвои Програмата за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија за 2015 година и Среднорочната програма за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија 2015 – 2017 година.

На денешната седница Советот на НБРМ ги разгледа и ги усвои и Финансискиот план, Планот за инвестиции и Планот за јавните набавки за 2015 година, а беше донесена и Сметководствената политика за побарувањата и потенцијалните обврски на Народната банка на Република Македонија.