НДМ: Не е проблем Албанец за собраниски спикер, туку кој Албанец

Народно движење за Македонија го повикува СДСМ да ја преиначи одлуката Талат Џафери да биде претседател на Собранието, бидејќи станува збор за личност кој според оперативен документ на УБК при МВР е вмешан во заседата кај Вејце каде ѕверски беа убиени осуммина македонски бранители во еден од најкрвавите и најбрутални масакри во поновата македонска историја, велат од партијата.

Ја користиме приликата да ја разјасниме дилемата дека НДМ и народот не се против избор на Албанец за вршење на државни функции, туку се противат на изборот на Албанец кој работел и продолжува да работи на рушење на Македонија и Македонците. Да потсетиме, Македонија во минатото имала собраниски претседател Албанец со беспрекорно минато и крајна лојалност спрема македонската држава, стои во соопштението од НДМ.

Оттука и прашањето, зошто СДСМ не го прифаќаат вчерашниот предлог на Беса за собраниски претседател со реноме и без лошо минато во однос на Македонија и Македонците.

Затоа, ги повикуваме дваесетината пратеници на СДСМ кои го предложија Талат Џафери за собраниски претседател, да размислуваат не само за моментот оти се доведуваат во ситуација да се срамат од нив и нивните поколенија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.