Ндрецај: Не сум контактирал со македонски разузнавач

Хамди Ндрецај, алијас Командант Пантер, ја смени својата изјава и сега тврди дека никогаш не се сретнал со лице од Агенцијата за разузнавање, а некој му се претставувал како споменатиот разузнавач, објави вчера весникот „Вечер“.

Хамди Ндрецај, алијас Командант Пантер, кој деновиве повторно стана актуелен на македонската јавност тврдејќи дека зад инцидентот во Куманово каде беше елиминирана терористичка група стои УБК, а тоа го дознал преку средби со службеник во Агенцијата за разузнавање, вчера ретерираше од ставот изјавувајќи дека бил измамен и дека друго лице се претставувало како македонскиот разузнавач.

ndrecaj_izmama e

Тој сега тврди дека му било кажано оти станува збор за разузнавачот Ш.М. и дека дури сега видел дека станува збор за сосема друго лице.

– Во името на албанскиот народ и нивното право за информирање и Правда, но и отстранување на дилемите ви соопштувам дека стојам зад кажаното во емисијата на Миљаим Зека „Па Ротла“, но демантирам и јавно им се извинувам на момците од групата во Куманово бидејќи изјавив дека главен протагонист за предавството во Куманово е Шенаси Мемети, македонски разузнавач. Лицето со кое јас се сретнав, а на која средба беше присутен и Мухамед Красниќи не е Мемети. Тој ми беше презентиран како агент на тајните служби на Македонија. Јас му поверував. Се извинувам и ве уверувам дека ништо не беше намерно, изјави Ндрецај, пренесе „Вечер“.

Изјавата на Ндрецај веднаш беше пренесена од голем дел на македонските медиум, а веднаш потоа и се појавија слики од службеникот на Агенцијата за Разузнавање.

Неговиот идентитет беше откриен без никаква проверка на информациите или пак согласност и со тоа тој самиот беше доведен во опасност.

Затоа и Агенцијата за Разузнавање отвори истрага која треба да открие како сликите на Мемети стигнале во јавноста и кој ги зел од архивите и потоа ги доставил. Во истрагата е вклучено и Јавното обвинителство.

Повеќе за ова прочитајте во „Вечер“.