Не е неразумно да се вклучи терминот Македонија во името

Веќе 25 години соседите се признаени со името „Република Македонија“ од голем број земји, додека ние насекаде се бориме сите да ги нарекуваат „ФИРОМ“, вели грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за весникот Етнос, изнесувајќи „чиста позиција во однос на името на нашиот северен сосед“, пренесува во неделата Ефимерида.

Во однос на денешните демонстрации во Солун, грчкиот премиер објаснува дека ја почитува чувствителноста на неговите сонародници од северна Грција, велејќи дека и тој е полу Македонец, затоа што мајка му се родила и пораснала во грчката област Македонија, од родители бегалци од источна Тракија. Но, додава дека националните интереси не се бранат со протести, туку со преговарачка способност, со меѓународни сојузништва, со поставени цели и со трезвеност.

Грчкиот премиер уверува дека ја почитува „загриженоста и, особено, чувствителните струни на нашите сонародници во северна Грција“. „На крајот на краиштата, јас сум половина Македонец“, вели Ципрас.

„Меѓутоа, ги повикувам трезвено да го разликуваат она што го промовира националниот интерес и она што го поткопува. Немањето решение го поткопува. Веќе 25 години соседите се признаени со името ‘Република Македонија’ од голем број земји, додека ние насекаде се бориме сите да ги нарекуваат ФИРОМ“, додава грчкиот премиер.

За Ципрас „не е апсурдно да се вклучи терминот ‘Македонија’ во едно сложено име, било географски било временски, за сите, „така што да е апсолутно јасно дека никој не ја бара територијата или историјата на други народи“.

Грчкиот премиер е длабоко убеден дека решение што би било во национална корист би било изгласано со мнозинство пратеници и коментира дека Панос Каменос нема да стане Јоргос Самарас, со што индиректно порачува дека лидерот на Независни Грци нема да создаде проблеми во грчката влада.

Во врска со различниот став на владиниот партнер, Ципрас признава дека „Панос (Каменос) е свесен за проблемот и е чесен и патриотски политичар. Тој има резерви и ги искажа пред владиниот совет, но тој ја искажа и својата доверба во напорите на министерот за надворешни работи и неговата желба да се постигне широк консензус на политичките сили во врска со ова прашање, секако, ако се дојде до задоволителен договор“.

Атина бара едно име кое ќе важи и за внатрешна и за билатерална и за употреба во Обединетите нации, смета грчкиот премиер во интервјуто под наслов „Ако постои можност, ќе биде национална глупост да не ја искористиме“, за неделното издание на весникот Етнос.

Алексис Ципрас, како што јавува дописникот на МИА од Атина, говори опширно и детално за прашањето за името, вели дека по политичката промена кај нас гледа влада која изјавува дека е решена да направи чекори, но додава дека останува тоа да се покаже во пракса.

„Решавањето значи заемно прифатливо сложено име за севкупна употреба. А севкупна употреба значи дека не може да се вика различно во нашите билатерални односи и во ОН, а друго да е уставното име. Во однос на НАТО и ЕУ, работите се јасни. Интеграција во НАТО или отпочнување пристапни преговори за соседната земја ќе има само со решение на името“, вели Ципрас за Етнос, пренесува МИА.

Алексис Ципрас во интервјуто за Етнос вели и дека спорот за името не е внатрешно прашање, туку европско и меѓународно и уште еднаш потенцира дека за официјална Атина, главната тема е иредентизмот.

„Ако сакаме да најдеме одржливо решение треба да бараме име, но и една поширока рамка за договор што нема да остава простор за иредентизам и историски неточни барања. Треба и двете страни да му пристапиме на проблемот со реализам и мудрост. Не треба да оставиме никаков простор за конфронтации меѓу двата народа затоа што оние работи што ги обединуваат се повеќе од оние што ги разделуваат“, вели Ципрас.

Информативниот портал Њуз247 што е дел од истата медиумска групација со весникот Етнос, од петокот вечерта објавуваше куси текстови со делови од интервјуто на Ципрас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.