Македонија

Не купувајте бугарска домашна ракија, отровна е!

Не купувајте бугарска домашна ракија, отровна е!

Бугарската домашна ракија е отровна, полна со цијанидна киселина, тешки метали и алдехиди, пишуваат бугарските медиуми. Освен овие состојки, во неа има и метилалкохол, кој при консумирање ги труе сите што ја пијат. Oва е втор удар за бугарското лозарство откако бугарската влада дозволи во нивното вино годинава да се додава вештачки шеќер. Македонските експерти велат дека ова беше очекувано ако се знае дека наместо од грозје, ракија се произведува од суров шеќер. Професорите од Факултетот за земјоделство и храна во Скопје велат дека кај нас нема потреба од паника, бидејќи и покрај лошото време, годинава ќе има добра ракија. Овде за нејзино производство се користи само грозје, а не расипана зимница и скиснато овошје, пишува „Дневник“ .

Бугарските медиуми пишуваат дека по слабата берба на грозје кај нив, казаните за варење ракија се преполни со скапано грозје, мувлосани стари мармалади и слатка, скиснати компоти и згора на тоа многу суров шеќер. Инспекциските служби ги прочешлале пазарите и земјоделските дворови и утврдиле дека во ракијата што е тазе печена има се’ освен чист природен алкохол.

– Од 50 милилитри може и нема да умрете, но подобро воопшто не ги пијте. Фрлете ги пијачките со време бидејќи при варењето ракија многу важна е квалитетна суровината. Но тоа бугарските фармери не сакаат да го научат. Во казаните ставаат секакви секундарни суровини, гнило овошје пребогато со метанол. Но не е само тој штетен. Kај овошните ракии меѓу токсичните состојки е цијановодородна киселина, која во минатото била користена за хемиско оружје – велат во Националниот институт за истражување вино и алкохолни пијалаци во Бугарија.

Професор Звонимир Божиновиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје за „Дневник“ вели дека ова отровна ракија е последица на одлуката да се дозволи во производството на вино да се додаде шеќер, но дека кај нас вакво нешто не може да се случи.