Не правиме разлика меѓу странските и домашните инвеститори, вели Груевски

Не правиме разлика меѓу странските и домашните инвеститори, сакаме на секој кој инвестира да му помогнеме пред се’ за отворање на нови работни места, вели премиерот Никола Груевски одговарајќи на прашање од Владо Бучковски при гостувањето во шоуто на Миленко Неделковски што во моментов се емитува на Канал 5.

„Дали некој домашен ќе отвори 500 работни места, дали германски, унгарски британски е помалку важно, најважно е отворање на нови работни. Сите закони кои ги донесовме се направени на начин да важат за сите, нема некој што важи само за странските инвестиции. Фокусот е на странските бидејќи таму не’ немаше, а домашните се тука, се гледаме, разговараме, имаме средби. Викаме ајде сега да се фоксуира на тоа што досега беше помалку работено, а тоа е присуство  и директни контакти со странски потенцијални инвестирори“, вели премиерот Груевски споменувајќи го примерот со американската компанија „Кемет електронски“ кои за нашата земја дознале од рекламите на телевизиската мрежа Си-Ен-Ен.

Груевски истакна дека негово мислење е дека на Македонија и’ се потребни уште 30-тина крупни глобални компании кои би инвестирале, а потоа тие самите би привлекувале други компании да дојдат во земјава и да отворат своите фабрики, а со тоа и нови работни места, бидејќи како што нагласи Груевски, тоа е крајната цел.