Не прифаќаме договор со Скопје кој ќе го вклучува зборот Македонија

Илјадници Грци протестираа вечерва во 20-ина градови низ Грција против обидите за решавање на 27-годишниот спор за името со Македонија. Околу 2.000 луѓе се собраа во Пела, родното место на Александар Македонски, но организаторите се надеваа на најмалку двојно повеќе.

До крајот на јуни секој ќе го добие тоа што го заслужува и се ќе биде кристално јасно, порачаа организаторите на масовните протести во Катерини, Неа Мудања, Воден, Кавала, Серес, Кукуш, Костур, како и на островите Крв, Родос и Крит.

Организатори на протестите беа од „Комитетот на хеленисти на Македонија”, но поддршка добија само од некои помали партии, но не и од грчката црква која порача дека името Македонија не се бранело на улица, иако порано не мислеа така.

Не прифаќаме договор со Скопје кој ќе го вклучува зборот Македонија и кој го признава македонскиот јазик и идентитет. Вечерва плоштадите се преплавени со луѓе, мора да им се слушне гласот- беа дел од пораките во Пела.

По денешните протести низ северна Грција, протест за одбрана на името „Македонија“ ќе има и во Атина, на централниот плоштад Синтагма, на 8 јули, само неколку дена пред самитот на НАТО.

Инаку, поголем број на новинарски екипи од Македонија кои тргнаа кон Грција се вратија назад, бидејќи не им беше дозволен влез кај нашиот јужен сосед.