Не се работи за Груевски или Заев, се работи за цела Македонија

Размислувајќи како да го започнам ова мое излагање, после вчерашниот ден и се што се случи, а за што сакам во детали да ве информирам, ми доаѓаат само два збора кои верувам на секого од вас му дошле на ум изминативе две години на криза, конфликтност, раздор, деструкции, во кои се обидуваме нешто да создадеме, да направиме мерки и реформи. А некој друг се обидува заради којзнае колкава цел да не разјаде, неретко споменувајќи ги зборовите слобода и демократија, а правејќи се што нема врска со слобода и демократија. Тие зборови се: „Доста беше“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во своето обраќање.

Доста беше. Оваа криза мора да заврши и зад оваа криза не стојат никакви заложби за слобода на медиуми ниту демократија и борба против корупцијата, стои немоќ, страв, фрустрации, обид за поткуп на идентитет и насилна промена на власта во Република Македонија од страна на опозицијата која изгубена во својата безидејност и не се занимава со политика, идеи, решенија, туку шпионажа, уцени, деструкција. Тоа мора да запре. Знам дека многумина ги гледаа изборите како излез од кризата и во право се. Тврдам дека во ваква ситуација изборите се излез од кризата и тука немам никакви дилеми. Ова е слободна земја и овде народот одлучувал и ќе одлучи кој може да се справи со реалните предизвици и секојдневни потреби и проблеми, кој нуди решенија можности, подобар стандард, инвестиции. Тоа е суштината на политиката и зошто некој треба и не треба да добие доверба. Некој ве потцени, тоа е цената на лошата проценка. Ова е Република Македонија и тука не проаѓаат шаблон сценарија, тука живее горд народ кој си ја сака државата и знае да направи разлика, рече Груевски.

Тој нагласи дека времето на конфликти мора да заврши, не се работи за Никола Груевски или Зоран Заев, туку за секој граѓанин за цела Македонија и затоа одлучиле да стават крај на агонијата и кризата на ваков начин.

Доста беше, одиме на избори и нека победи подобриот, нека победи тој во кого граѓаните имаат поголема доверба. Мора да научиме од своите грешки, но не во насока како што некој тоа го посакува. Да ги исправиме грешките затоа што не сме безгрешни и да продолжиме со тоа што граѓаните го очекуваат од нас. Според сите анкети и аналитичари, домашни и меѓународни, ВМРО-ДПМНЕ убедливо води пред СДСМ и тоа го знае и лидерот на опозицијата. Во двојна предност е ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ. Тоа е причината зошто СДСМ не сака да оди на избори, тоа и ништо повеќе. Дали заради тоа цела држава треба да се држи во заложништво. Го слушав лидерот на опозицијата. Сакаше да не  убеди дека се спремни за избори. Доста е од поделеноста, доста е гневот и фрустрацијата, доста е со кризите, наша одговорност е да решаваме кризи, проблеми, не да бидеме дел од нив. Избори мора да има и ќе има и ние ќе ја понудиме најдобрата програма, детали, мерки, реформи и гаранции за нови работни места, рече Груевски.

Тој рече дека услови за избори има и избори ќе се одржат, а на нив може да се учествува или да не се учествува.  Груевски истакна дека не е вистина оти медиумите не се регулирани и додаде дека тие се задолжени според Закон еднакво да информираат за секого и нивна обврска е балансирано известување.

Заплашување на избори нема и не смее да има, доколку има ќе одговара секој. Ќе има посебен одел кој ќе се занимава со ваквите случаи, нема да толерираме такво нешто, рече Груевски и додаде:

Околу мешањето на партијата и државата- тоа го кажува истиот Заев кој го назначи неговиот генерален секретар на партијата за министер за внатрешни работи, истиот Заев кој гледа дека сопругот на министерката за труд и социјална политика се качува скалила нагоре… Заев толку го потценува народот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека опозицијата нема никакви аргументи за бегање од избори.

Бројките од 300 илјади и 500 илјади се чиста лага. Сакаат да внесат забуна кај гласачите. Какви 500 илјади, зарем некој верува дека тоа е возможно. Покрај сите набљудувачи јас сум убеден дека никој, ниту СДСМ сами не си веруваат во оваа небулоза, рече Груевски.

Гласаа за 24 април, рече Груевски, па правеа да нема избори, исто е и овој пат. Тој апелираше до Заев добро да размисли за неговата одлука за СДСМ да не излезе на избори без разлика за неговото лично мислење, затоа што како што рече ова не е битка на Груевски и Заев, ова е битка за Македонија.

Изминативе две години беа тешки за сите нас. Политичката криза ни го одземе целокупниот внимание од вистинските проблеми на граѓаните. Нашиот народ живееше под облакот на несигурноста и неизвесноста. Вчера собранието се распушти, ова е почеток на процесот на заздарвување, почеток на крајот на кризата. Народот на Македонија со векови страдал за слободна Македонија. Затоа оваа криза која ни се случи овој пат ќе се решава со гласачкото ливче. Народот сам одлучува, рече Груевски.

Тој истакна дека на Македонија и е потребна силна опозиција со која заеднички ќе се  договараат за стратешките правци на државата, а изборите се само натпревар во кои отсуството на СДСМ ќе остави дамка.

Народот да биде спокоен, свесно и одговорно продолжуваме напред. Мора да направиме повеќе од избори да го оставиме партискиот интерес и да го следиме државниот. Ќе направиме се за да ги корегираме нашите грешки, тоа луѓето го очекуваат од нас. На нашата држава и е потребен план и визија за да ги постигнеме заедничките цели. Во периодот додека сме на власт преку 150.000 работни места се отворени,а ќе продолжиме и понатаму, рече Груевски.

Тој посочи дека е направено многу за младите, пензионери, лекари, спроведени се многу мерки за подобрување на животот.

Денешниот ден ќе биде пресврт, ве повикувам да ни се придружите на нашите идеи за храбри и големи чекори. Македонија мора да оди напред, да содава и да работи, ова е наша земја и немаме резерва, рече Груевски.