Не траеше долго: Оштетени новите лифтови во „Кузман“

Само еден месец траеше радоста за новите лифтови што беа поставени во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.
Пред само еден месец Владата на Република Македонија преку Министерството за образование и наука инвестира 15 милиони денари во замена на старите и дотраени лифтови во сите државни студентски домови, при што станарите добија нов и безбеден превоз по катовите во овие објекти. Но, не добија и домашно воспитување околу тоа како треба да се однесуваат кон инвентарот во студентските домови., пишува „Телеграф“.

Директорката на Државниот студентски дом – Скопје, Даниела Темелкова, под чија надлежност се и студентските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“,  ја потврдила информацијата, посочувајќи дека не е првпат да се уништуваат лифтовите, инвентарот и просториите во домовите. Слична ситуација имало и во „Гоце Делчев“, каде што минатата година веднаш по пуштањето во употреба на реконструираниот и целосно опремен блок Б била искршена внатрешната безбедносна лизгачка врата на лифтот.

Оштетувањето на инвентарот, евидентирано и од безбедносните камери, било причина годинава двајца студенти да бидат исклучени од најголемиот студентски дом во државата. Казнети се и група студенти што не ја почитувале забраната за пушење во објектот, во кој се инсталирани сензори за детекција на чад.