Не започна повторното судење за убиството на Матилоски, обвинетиот не се појавува пред судот во Охрид

Повторениот судски процес за убиството на 27-годишниот охриѓанец Димитар Матилоски на новогодишната ноќ во 2016 година никако да започне, откако и во вторникот обвинетиот 30-годишниот српски државјанин Бојан Угреновиќ од Краљево не се појави на закажаното рочиште во Основниот суд во Охрид, по што судијата Весна Кичеец го одложи судењето и го презакажа за 28-ми ноември.

Судијката Весна Кичеец образложи дека судењето е одложено затоа што до судот не бил доставен одговор од Министерството за внатрешни работи дали обвинетиот е пронајден согласно решението за определување на притвор. Најави дека ќе достави ургентно барање до МВР да се произнесе дали обвинетиот воопшто е достапен за органите на прогонот.

Инаку, ова е седми пат како се одложува почетокот на повторениот судски процес. Првично, Угреновиќ беше осуден на 16 години затвор, а по жалбата на одбраната Апелацискиот суд во Битола го врати предметот на повторно судење. Обвинетиот ги искористи недоследностите во легислативата и од 27-ми јули се брани од слобода. Од тогаш ниту еднаш не се има појавено на рошиште од повторениот процес што против него се води пред Основниот суд во Охрид.

Драгица Матилоска, мајката на убиениот Димитар, е разочарана од епилогот на процесоти од одлуката на Апелација.

„Јас не знам дали тие луѓе во Апелација имаат деца, но би ги прашала како би се чувствувале тие доколку поминуваат низ голгота како јас. Утре е Митровден, а ние именденот на мојот син Димитар ќе го одбележиме на гробишта, додека неговиот убиец е на слобода, а нас само нé малтретираат да доаѓаме напразно на рочишта. Јас до ден денес не знам зошто тој го уби мојот син. Како просветен работник секогаш ги учев моите ученици да веруваат во правда и правичност и се надевам дека ќе има правда во овој случај, дека сторителот на делото ќе биде осуден, а душата на мојот убиен син конечно ќе најде мир“, рече Матилоска..

Убиството на Матилоски се случи на самата новогодишна ноќ на дочекот на 2016 година, во тепачка што се случи пред влезот на кафе-бар во центарот на Охрид.