Недела гозба во Нетпрес: Пилешко со домати и сирење и фигаро колачиња

Недела е ден кога целото семејство се собира на ручек, нема доцнење поради работи или училиште. Затоа денеска на своите најмили подгответе им вкусен ручек, пилешко со сирење и домати и слатки фигаро колачиња.

Потребно:

4 компири, сечени на тенки кругови

2 лажички маслиново масло

2 лажички ситно рендана кора од лимон

2 лажици сок од лимон

100 г фета-сирење

1 лажица оригано

4 пилешки батаци со карабатаци

3 домати

100 г црни маслинки

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 220 степени. На дното на голема тава за печење наредете ги парчињата компир во еден слој. Попрскајте ги со маслиновото масло. Зачинете ги со сол и црн пипер.

Измешајте ги лимоновата кора, сокот од лимон, сирењето и ориганото. Со прсти нежно поткревајте ја кожата од парчињата пилешко месо и под неа ставајте по 2 лажички од смесата со кора од лимон. Протријте ги парчињата пилешко за смесата да се распореди рамномерно. Наредете ги врз компирите и печете ги 30 минути.

Извадете ја тавата од рерна и додајте ги доматите и маслинките врз пилешкото. Зачинете со црн пипер. Печете уште 10 минути, или додека пилешкото да биде готово. Одозгора украсете со листови свежо оригано и послужете.

Фигаро колачиња, одлични за десерт во комбинација со кафе.

Потребно:

2 парчиња обланди

1 лимон

250 г. ореви

5 жолчки

500 г. Шеќер

250 г. путер

Подготовка:

Путерот стопете го на пареа. Додадете 250 г. шеќер, жолчките и оревите и промешајте. Потоа оваа смеса тргнете ја од оган.

Во друг сад стопете ги останатите 250 г. шеќер. Кога ќе пожолти додадете го во смесата и измешајте. Смесата рамномерно нанесете ја на едното парче обланда, потоа преклопете со другото и притиснете ја со нешто тешко. Оставете да се олади на собна температура и исечете на коцкички.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.