Неделков: Нападот врз СОНК е смислен обид за разбивање на единството

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија  веќе некое време е цел на напади и организирана хајка од страна на СДСМ и определени медиуми кои имаат за цел да го разбијат единството на синдикатот и да ја ослаби неговата реална моќ  во правец на одбрана на правата на работниците, истакна денеска претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Неделков посочи дека во одредени медиуми имало бомбастични наслови и селективни информации со кои лажно се информирале граѓаните дека во редовите на СОНК има огромното незадоволство и членовите масовно се отчленуваат.

-Фактите и податоците покажуваат нешто друго , а тоа може многу лесно да се провери и преку Централниот регистар на Р. Македонија  и преку МОН, рече Неделков.

Во врска со пресметките на плати во средното образование и обвинувањата од група професори од скопското средно економско училиште Васил Антевски – Дрен кои неодамна реагираа дека професорите од средните училишта земаат пониска плата за 70 евра, Неделков рече дека тоа се тешки невистини, шпекулации и дезинформации во јавноста.

-Ова е смислено, тенденциозно сценарио, обид за разбивање на единството во нашата организација . Се поставува прашањето ако спогодбата помеѓу СОНК и МОН е потпишана во  2014 година, зошто дури во 2016 година се реагира на не спроведување на спогодбата, рече Неделков.

Тој потенцираше дека минималната плата не е основица со која се формира висината на платите според колективниот договор, во било која гранка во приватниот сектор или дејност.

-Сите оние кои имаат потреба од било какви информации од раководството на СОНК и сите членови кои што сакаат да знаат за работењето на синдикалната организација, одговорите да ги добијат од органите и телата на СОНК, бидејќи тоа е нивно легитимно право, а не да ги користат медиумите за злоупотреба, рече Неделков.

Претседателот на СОНК истакна дека и покрај притисоците СОНК и натаму ќе остане самостоен и моќен синдикат, кој максимално ќе ги штити и развива правата на своето членство, а „адутите“ кои сега ги користат разбивачите , многу брзо ќе им се вратат како бумеранг.

Генералниот секретар на СОНК Весна Неделковска посочи дека минималната и најниска плата се два различни термини, кои се однесуваат на две различни категории и корисници.

– Минималната плата во Македонија се утврдува со закон и има одреден од Владата и репрезентативните федерации на синдикатите и репрезентативните здруженија на работодавачи во Македонија. Најниската плата утврдена со колективните договори ја утврдуваат со спогодба потписниците на тие колективни договори. Во овој случај се работи за МОН и СОНК. Утврдената најниска плата за најнизок степен на сложеност по работно место се множи со соодветниот коефициент за секое работно место соодветно и не може да стане збор за еднаквост помеѓу минимална и најниска плата, рече Неделковска.

Претседателот на СОНК, исто така, посочи дека синдикатот се финансира исклучително од синдикална членарина и никакви спонзорства и донации, а членството во него носи еден куп права и неколку одговорности.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.