Македонија

Неделковки: Целиот план на Заев е уцена!

Неделковки: Целиот план на Заев е уцена!

„Бомбастичната“ стратегија на опозицијата за насилно уривање на актуелната власт, веќе три месеци не само што не ги дава посакуваните резутатите, туку напротив, пред јавноста ја откри голата вистина и целта на Зоран Заев, по секоја цена, бескомпромисно на недемократски начин да се освои власта во земјава.
Со прислушуваните телефонски разговори набавени на криминален начин, ни најмалку не ја отвори Пандорината кутија на наводниот криминал на власта, а уверувањето дека опозицијата била мета на незаконското прислушување, засега е само празна приказна, бидеќи освен телефонски разговори на неколку лица од државниот врв, не слушнавме ништо за другата „оштетена страна“.

Оттаму, во  јавноста почна да се шпекулира дека Заев, со необјавувањето на компромитирачки снимки на лица од опозицијата и блиски до нив, ги држи под уцена, која може да се активира секогаш кога тој ќе одлучи дека е време за тоа.

За тајната достава на компромитирачки аудиоматеријали до лица блиски на Заев,  неодамна во својата колумна „Топ 10: Да го гушнат силно“, пушува и новинарот Миленко Неделковски.

Тој вели: „Сите владици во Македонија имаат примено ЦД со снимки од нивните конверзации. Струмичкиот Владика ја добил улогата за давање на снимките, откако Зоран Заев ги изрежал и средил. Имало подоста материјал собрано од Верушевски. Те кој од нив имал грчки пасош, кој и каква недвижност поседувал, ставовите за Нишкиот договор… И, така!!!“.

Исто така, Неделковски пишува дека поранешниот декан на Правниот факултет, Борче Давитковски поднел оставка откако Заев му ги дал снимките на неговите разговори и податоци за неговите екстра хонорари, и му се заканил дека ќе ги објави.

“Планот кој Зоран Заев го нарекува со работно име „бомби“ уште од самиот почеток практично пред да почне со тој план се покажа дека е работа на уцена. Политичка и секаква друга од крајно неморални и крајно деструктивни причини за свое самозадоволие, финансиско и политичко, а на штета на македонскиот народ и на македонската држава. Јавно сите бевме сведоци како Зоран Заев го уценува премиерот Никола Груевски, човекот кој е избран од мнозинството народ со повеќе од 500. 000 гласа пред неполна цела година. Значи целиот негов план е уцена, со самото тоа и сите последователни планови му се уцена, дали е тоа за владици, за декани, за професори, за уредници, за директори на телевизии, за сопственици, целиот план му е уцена“, вели Миленко Неделковски во изјава за Нетпрес.

Тој очекува набрзо да почне судскиот процес и наскоро да имаме можност да ги видиме и другите снимки, а не само оние што ги пласира Зоран Заев. Според неговите информации снимките Заев им ги доставил на владиците преку струмичкиот владика со кој Заев има контакт.

Заев ги демантира овие негови тврдења, а исто така и струмичкиот владика Наум негира дека добил снимки од лидерот на опозицијата кои што требало да им ги достави на другите прислушувани владици.

„Заев уште на почетокот рече дека снимките ќе ги даде на сите кои се снимани. Нема зошто да му биде незгодно, па снимките да ги дава преку мене“, вели владиката Наум, кој воедно посочи дека засега ниту тој нема добиено ЦД со снимен материјал од негови телефонски разговори, иако опозицијата тврди дека поседува снимки од прислушувани разговори и на лица во МПЦ.