Недозволиво е да се одбива правото на ОМО Илинден Пирин да се регистрира како политичка партија

Како партија која во најголем дел своите активности ги посветува на борбата за правата на Македонците кои живеат надвор од Татковината, Македонската Алијанса во целост ги поддржува долгогодишните активности на ОМО Илинден Пирин насочени кон обезбедување на основните права за слободен и демократски пристап кон Македонците во Бугарија.

„Жалиме што една земја членка на ЕУ како Бугарија, продолжува и понатаму, надвор од сите демократски стандарди и принципи, да ги игнорира пресудите од Судот во Стразбур, и не прифаќа да ги регистрира. Фактот што во изминатава година шест организации поднеле барање за регистрација од кои три се одбиени, а три се уште чекаат на одговор, е показател дека во Бугарија живеат Македонци кои сакаат да ги имаат своите основни права и немаат намера да се откажат од својата политичка борба. Единствено поместување за Македонците во Бугарија во изминативе неколку години е укинувањето на забраната за кандидирање и вршење на избрана функција од страна на бугарски граѓани кои имаат второ државјанство од земја која не е членка на ЕУ. Македонската Алијанса предупредува дека доплнително се загрижувачки актуелните политички трендови во соседните држави, особено во Бугарија, каде во подем се ултранационалистичките партии кои своите политики ги насочуваат најмногу против правата на Македонското малцинство, како алатка за стекнување на политички поени. Недозволиво е во 21 век, да се одбива правото на ОМО Илинден Пирин, како членка на Европската Слободна Алијанса (ЕФА), да се регистрира како политичка партија во Бугарија, само заради нејзиното залагање за остварување на основното и универзално право на Македонското малцинство за самоопределување. Македонската Алијанса ја повикува Европската Унија конечно да застане во одбрана на човековите права и слободи, да направи напор да се воспостави вистинско почитување на правата на Македонците во соседна Бугарија и со тоа да се стави крај на очигледните нарушувања на човековите права регистрирани од Европскиот Суд за човекови права“, се вели во соопштението на Македонска Алијанска.