Неизвесни ефективните превентивни мерки и услуги за ХИВ од 2016-та

Платформата ги поздравува напорите на Министерството за здравство за воведување на Регистар на граѓански организации преку кој  во иднина ќе бидат правно препознаени како корисници на буџетски средства во спроведувањето на активности за превенција на ХИВ на истиот начин како и јавно-здравствените институции. Сепак, Платформата инсистира да се преземат конкретни мерки од Владата и Министерството за здравство за обезбедување на одржливоста на програмите кои досега се финансирани од Глобалниот Фонд, односно нивна интеграција во државните програми и буџети по декември 2016.

Терапија / Лекови

Обезбедувањето на антиреторвирусни лекови е една првите мерките кои Македонија од Глобалниот Фонд ги интегрираше во својот здравствен буџет во 2011 година.  Сепак,  и покрај тоа што Министерството за здравство неколкукратно ги зголеми средствата за терапија помеѓу 2011 и 2014,  во изминатиот период се појавија различни административни предизвици со дел од антиретровирусните лекови, а најголем дел од нив сѐ уште и не се регистрирани во Рапублика Македонија.

Во изминатите два месеца за една пратка од набавката на антиретровирусни лекови Агенцијата за лекови констатираше дека производите не ги задоволувале стандардите за квалитет. Добивме информации дека Клиниката за инфективни болести бара начин итно да ги обезбеди и дека лековите се очекуваат до крајот на оваа недела. Стравуваме дека може да дојде до истрошување на залихите од тие лекови кои се уште не се обезбедени.

Македонија ја следи стратегијата „тестирај – лекувај“ како единствен пристап кој покажува најдобри ефекти во лекувањето, но и во превенцијата на ХИВ. Имајќи ги предвид долготрајните процедури за јавна набавка, непредвидливоста како резултат на тоа што поголем дел од лековите не се регистрирани во Македонија, како и ограничениот буџет, Платформата бара сите надлежни институции да ги извршуваат своите обврски максимално експедитивно за да не дозволат ситуација на прекин на терапијата.

Исто така, Платформата бара државата да преземе проактивни мерки со кои ќе создаде услови и ќе ги поттикне компаниите да ги регистрираат сите неопходни антиретровирусни лекови, со цел да биде обезбедено целосно решение за антиретровирусната терапија во Македонија.