Неколку повредени во експлозија во британската престолнина

Неколку патници се повредени во експлозија којашто во петокот утрото околу 8,30 часот по локално време одекнала на станица во подземната железница на британската престолнина Лондон, пренесуваат медиумите.

Според магазинот The Sun, неколку лица се здобиле со изгореници на лицето. Според очевидци, експлодирал бел контејнер во еден од вагоните.

На фотографија којашто на социјалните мрежи ја поставил еден од очевидците, може да се види пластичен пакет во бел сад, од кој штрчи запалено парче ткаенина.

Полицијата соопштила дека е известена за инцидент на станицата „Парсонс Грин“ во западниот дел на Лондон, но не објави поединости. „Запознаени сме за инцидентот на метро станицата Парсонс Грин. Службеници се на самото место“, соопшти лондонската полиција на Twitter.

На местото на настанот се наоаѓаат полициски сили и возила на итната медицинска помош.

Засета не е позната причината за експлозијата, а сообраќајот на линијата на метрото којашто минува низ „Парсонс Грин“ е прекинат. Дел од „зелената гранка“ на лондонската подземна железница од станицата „Ерлс Корт“ до станциата „Вимблдон“ е во прекин.