Запечатени нелегални обложувалници во Кичево, Дебар и во струшко

Запечатени нелегални обложувалници. Шест нелегални обложувалници во Кичево, Дебар и во струшко се под клуч.

Полициски службеници и инспектори на УЈП во средата извршиле акциска контрола во осум обложувалници во Струга, Кичево и Дебар, а во врска со Законот за приредување на игри на среќа-обложувалници и забавни игри.

Во шест обложувалници, инспекторите констатирале дека организаторите на обложувањето немале лиценца и друг вид одобрение за приредување на игрите на среќа.

Како што информира МВР, од обложувалниците, поради незаконско работење и спротивно на Законот за игрите на среќа и забавните игри, од страна на УЈП одземени се пари, телевизори, компјутери, монитори, печатачи и друга опрема.

УЈП донело решение за забрана за работата и приредување на игри на среќа и забавни игри и запечати две нелегални обложувалници во Кичево и во селото Стрелци, три диви обложувалници во струшките села Велешта и Корошишта и една во Дебар.