Нелоски: На 15-ти октомври младите ќе му одговорат на Заев дека во него не гледаат партнер, дека единствен нивни партнер е ВМРО-ДПМНЕ

Продолжува акцијата „работно лето“ на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во посета на неколки региони во изборната единица три заедно со генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски, беше и делегација на УМС. Од селото Смојмирово, каде се одржува турнир во мал фудбал порака испрати претседателот на младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски кажа дека турнирот петта година по ред токму се одржува на повеќенаменското игралиште, кое беше направено од АМС, се со цел младите од Берово да можат да го користат овој терен.

„Тука нема да завршиме, подоцна ќе одиме на кафе дружба со генералниот секретар во Делчево со младите. На средбите кои што ги имавме досега разговаравме со голем број на млади луѓе и морам да искажам загриженост од досегашните политики на новата Влада во однос на младите луѓе, посебно во однос на студентите, бидејќи голем број на студенти од овој регион студираат Штип или пак во Скопје. Со укинувањето на дисперзираните студии, но воедно и со укинувањето на средствата за реновирање на студентските домови, голем дел од студентите кои што очекуваа од септември или пак од наредната студентска година да се вселат во реновирани студентски домови, нема да имаат можност да го направат тоа“, рече Нелоски.

Дополни дека би сакал да ги поттикне младите луѓе од местата каде што ќе одат во наредниот период да ги дадат своите идеи за претстојните локални избори, бидејќи како што тој вели, тие ќе бидат уште еден печат, односно одоговор за сите негативни политики за младите на СДСМ.

„На 15-ти октомври на локалните избори, младите ќе му одговорат на Зоран Заев дека не гледаат во него партнер, односно дека единствен нивни партнер е ВМРО-ДПМНЕ. Тие локални избори пред се ќе бидат увертира за предвремени парламентарни избори на кои што ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе дојде на власт. Иако победивме на претходните избори денес имаме Влада која не е народна“, порача Нелоски.

Ги повика сите млади луѓе кои овој викенд имаат план да заминат некаде, да не одат во Македонски Брод и заедно со УМС да им помогнат на сите граѓани кои се таму, кои според неговите зборови се оставени сами на себе во обидот да се справат со пожарите што ги има во моментов таму.

„Сите млади да се упатиме кон Македонски Брод овој викенд и заедно да им помогнеме на луѓето од таму“, порача Нелоски.