Нелоски: Проектите на ВМРО-ДПМНЕ за младите се спроведуваат сега и денес

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не ветува нереални проекти. Ветува и реализира идеи кои се многу реални, многу корисни за младите луѓе и кои се случуваат сега и денес, а не некогаш односно никогаш, како што беше случајот во времето кога оние кои требаше да водат сметка за нас, заборавија дека постоиме. Такви се и најновите 40 проекти, од кои неколку веднаш почнаа да се реализираат.

Ова го истакна денеска на прес-конференција Владимир Нелоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Осврнувајќи се на проектите за младите кои се веќе реализирани, на оние што се спроведуваат и кои допрва треба да стартуваат, Нелоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е тука за секој млад човек во Македонија, за секој ученик, средношколец или студент, дипломец, млад брачен пар, талентиран спортист или научник, љубител на културата или математиката, за секој што сака да работи за иднината на земјата.

Низ сите овие години се преземаа многу проекти кои имаа за цел една иста работа – подобрување на квалитетот на живот на младиот човек и создавање што подобри предуслови за негов развој во Македонија. Се преземаа проекти од сите области, меѓутоа можеби најважните се оние кои директно придонесуваа за нови вработувања кај младите луѓе. ВМРО-ДПМНЕ посветено и континуирано работи за креирање на нови прокети кои се во добродит и корист за секој млад човек, рече Нелоски.

Во 2013 година, потсети, се направи Акциски план за вработување на млади со цел сеопфатен пристап во подобрување на состојбите со младите на пазарот на трудот. Во 2015 година, е изработен нов Акциски план за вработување на млади за период од 2016 до 2020 година. Во Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, усвоени се измени во март 2014 година, со кои е овозможено ослободување од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување на млади лица до 29 години во период од 12 месеци. од март 2014 година до март 2016 година, односно до завршување на мерката, оваа можност ја искористија 5.540 компании и вработија вкупно 12.186 млади лица.

Беше усвоена, рече, новата програма за самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години која предвидува на кредитобарателите за оваа намена да им се одобруваат до 7.000 евра, а за секое новоотворено работно место можат да бидат одобрени дополнителни 4.000 евра, при што можат да се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно до 23.000 евра. Средствата ќе се одобруваат со каматна стапка од еден отсто на годишно ниво, со рок на враќање седум години со вклучен грејс-период од 18 месеци. Вкупно вработени преку оваа мерка се 382 лица во 326 правни субјекти.

Се овозможи и поддршка за прво вработување (практикантство) за млади невработени лица. Од 2008 до 2015 година со оваа програма се опфатени 2.593 лица при што се постигнати 1.315 вработувања на лица кои ја искористеле оваа мерка.

Се субвенционира вработување на деца без родители. За поддршка за вработување на невработени лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа, се предвидува стимулирање на работодавачите преку обезбедување на плата во висина на минималната плата и тоа: 100 отсто од износот на бруто минималната плата во првите 12 месеци и 100 отсто од износот на минималната плата во нето-износ и 50 проценти од придонесите за задолжителното социјално осигурување пресметани на минималната плата во следните 12 месеци, посочи Нелоски.

Според него, покрај овие и уште низа други мерки со кои целта беше, е и останува да биде подоброто позиционирање на младите луѓе на пазарот на трудот, УМС на ВМРО-ДПМНЕ постојано се бори за бенефициите кои младите луѓе ги добиваат во Македонија.

За таа цел, работевме на низа проекти кои имаат одличен ефект и одзив меѓу младите луѓе. Еден од тие проекти е проектот „Слободен четврток“ со кој се овозможи бесплатен превоз за сите студенти секој четврток во месецот во градските автобуси, жичарницата на Водно и железничкиот сообраќај во Република Македонија. Освен тоа, со одлука на Владата на ВМРО-ДПМНЕ донесена во јуни 2014 година, четврток е ден и кога студентите бесплатно можат да ги посетат театрите и музеите во Скопје но и државата. Проектот започна со реализација 2014 година и продолжува со имплементација, иформира Нелоски.

Со проектот Бесплатен викенд за млади луѓе до 27 години за превоз во железничкиот сообраќај на младите луѓе на возраст до 27 години им се овозможи бесплатен превоз преку железничкиот сообраќај секој трет викенд во месецот  односно петок, сабота и недела. Оттогаш, заклучно со ноември 2015 година оваа поволност ја искористиле вкупно 48.758 млади. Бенефициите од проектот „50 отсто попуст за ученици и студенти во железничкиот сообраќај“ ги искористиле вкупно 64.817 ученици и студенти. Проектот почна со реализација 2014 година а продолжува со имплементација.

Од 2014 година, додаде, со одлука на Владата е овозможен 50 отсто попуст за младите луѓе до 29 години за влез во театар, музеј, опера, балет и Филхармонија со цел да се поттикнат почесто да ги посетуваат културните институции и манифестации. За најдобрите во проектот Најдобар млад програмер се обезбедени стипендии за бесплатно студирање на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство,  а имаат можност и да ја претстават Македонија на Балканската и Светската олимпијада по информатика и програмирање.

Со оглед на изменетите состојби во младинскиот сектор, како и истекувањето на тековната Национална стратегија за млади (2005-2015), Агенцијата за млади и спорт на почетокот на 2015 година пристапи кон креирање на Национална стратегија за млади за периодот 2016- 2025. Овој процес опфати учество на повеќе од 500 учесници (млади луѓе, претставници на младински организации и институции) во рамки на 9 приоритетни области: младинско учество, локална младинска работа, младинско информирање, вработување и поддршка пред вработување, култура, образование, спорт и квалитет на живеење. Креирањето на Националната стратегија за млади 2016-2025 се спроведуваше во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации. Владата на Република Македонија ја усвои Националната стратегија за млади на почетокот на февруари 2016 година, рече Нелоски.

ВМРО-ДПМНЕ, напомена, огромно внимание секогаш посветува и има слух за проекти од спортот и физичкото здравје кај младите. Еден од најзначајните проекти е изградбата на спортскитe сали со кој досега изградени и се пуштени во употреба 34 спортски сали, во тек на градба се три спортски сали, а извршена е санација и на две постојни спортски сали. Во рамки на проектот 120 тениски терени, досега се изградени 74 тениски, во тек на реализација се 15 тениски терени, а изградбата на останатите 31 тениски терен ќе се реализира во периодот кој следи.

Со проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта, пак, досега се изградени 56, во тек на реализација се 22, а изградбата на останатите 22 ќе се реализира до 2020 година.

Не ги заборавивме ниту фудбалерите. Комплетно е реализиран и проектот Изградба на 50 фудбалски игралишта, почна изградбата на затворен пливачки базен во Охрид со стандардни димензии 25 метри ширина и 33 метри должина. Рокот за реализација е до 2018 година, истакна Нелоски.

Ова се, рече, само дел од проектите во спортот. Се градеа и опремуваа фудбалски игралишта со вештачка трева, се градеа спортски полигони, вештачки карпи за спортско качување.

Никогаш не сме заборавиле и на најмладите. Четврта година по ред се реализира проектот за професионална ориентација на учениците во соработка со Агенцијата за вработување, со оваа активност преку решавање на соодветно изработени тестови е помогнато на осмоодделенците да го најдат вистинскиот одговор на прашањето каде понатаму да го продолжат своето образование. Продолжуваме континуирано да ги наградуваме и мотивираме учениците од јавните и приватните средни училишта, преку доделување на стипендии за талентирани ученици – спортисти, за талентирани ученици, за ученици-социјална поддршка и стипендии за ученици со посебни потреби, нагласи Нелоски.

Воведени се  и нови категории на стипендии за деца без родители и родителска грижа и стипендии за ученици од областа на туризмот и угостителство. Почнувајќи од април 2015 година, износот на ученичките стипендии е зголемен за 10 отсто. Се наградуваат најдобрите ученици во областа на математиката и природните науки, како и најдобрите ученици од средните стручни училишта во рамките на проектот Лидер.

Особено сме горди на мерките и проектите во високото образование, во кое напредокот е евидентен од секаков можен аспект. Исклучително е важно што денес во Република Македонија високото образование е подостапно од кога и да било. Се отворија нови факултети во рамки на постојните универзитети, но, се отворија и нови универзитети. Не помалку важна од иницијативата за нови факултети и универзитети е и значително намалената партиципацијата за студирање на сите државни универзитети, мерка која најдиректно влијае на стандардот на студентите, односно нивните родители, потенцира Нелоски.

Денес, додаде, на студентите им е обезбеден пристап до стручна литература која претходно никогаш не била преведена на македонски јазик. Реализиран е  проектот за превод на „1000 стручни и научни книги“ од кои се учи на најпознатите универзитети во светот, студентите добиваат и реална соодветна практична настава која на многу факултети беше мисловна именка.

Нелоски се осврна и на проектите „Купи куќа за млади“, бесплатниот превоз во јавниот сообраќај, бесплатните обуки за странски јазици и основни ИТ вештини, бесплатниот железнички викенд за млади до 27 години.

Ние сме генерацијата што доаѓа и затоа ВМРО-ДПМНЕ се грижи овие млади луѓе што е можно подобро да инвестираат во самите себеси и да се грижат подоцна за иднината на нашата земја Македонија, заклучи Нелоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.