Колумни

Нема богат улов со стари бомби

Нема богат улов со стари бомби

Мене ми е ужасно непријатно што сум сведок на оваа реприза од 2001 и 2002 година. Имам мачнина кога слушам катаден информации за бомбите, зашто конкретно се уверив дека во валканата политика и борба за моќ најчесто она што го гледате не е вистина туку конструкција, филм, режија, сценарио што ви ги разигрува емоциите, ви ги лаже сетилата, ве манипулира правејќи ве млад мајмун. Токму затоа инсистирам и очекувам оваа тековна афера да се расчисти судски и политички докрај.

Кога ќе погледне човек што сѐ се случува во светот и ќе го спореди со она што е во центар на „јавниот“ интерес во Македонија, секој што не живее во аквариум и нема светоглед на аквариумска рипка ќе може да го измери временското растојание меѓу планетава и нашава држава. Може дури да изврши и екстерно тестирање и евалуација на политичките елити, на интелектуалните потенцијали, на амбициите, плановите за иднината за развој на нацијата. За некој ден северната хемисфера ќе види две третини од затемнување на сонцето за разлика од јужната. Претпоставувам дека кај нас такво нешто веќе се случи минатата сабота, а настанот го следевме телевизиски и директно со ТВ-пренос. Само што и во ова сме „светски лидер“. Бевме присутни сведоци и на раѓање и на умирање на еден национален и еден партиски предводник. Никола Груевски конечно премина во категоријата историски значајни национални фигури, а Зоран Заев се зацврсти на позицијата политички џуџиња, марионетски сателити. Сакам да кажам, де, дека ништо од амбицијата на астрономот Атанас Вангелов, кој со својот внатрешен телескоп сакаше да види „ново сонце на слободата“ што ќе ја огрее наскоро Македонија.

Ако судам според најавата на Заев, кој со своето зрачење ја опфати и Бугарија, тој неделава има намера да ја спржи земјава со расветлување на случајот „Петкратно убиство кај Смиљковско Езеро“ и прислушувањето на бугарската и американската амбасада во Скопје. Нормално, и масакрот и шпионирањето ги извршила македонската држава. У! Многу јако, нема што! Само што ова е до запирка исто со ваквиот пакет бомби што јас ги имав видено и слушнато кај овој истиот Зоран Верушевски, кој кога медиумска ѕвезда беше син му Александар реши да го спасува од затвор така што ќе ја уцени власта, односно државата со експлозивна тајна документација во неовластен посед. Ме повика кај него дома. Во домот во тој момент беа и жена му и помалиот син. Верушевски го отвори компјутерот и ми прикажа избор од снимки: како се прославува и што се говори по објавата на „големата победа за Македонија“ во просториите на Бихаќска, ама и во домовите на некои високи македонски угледници и благонадежни државни функционери. Со свои очи видов и со свои уши слушнав извадоци од разговори на Бранко Црвенковски, Шеќеринска, Бучковски, Хари Костов и други угледници како ги озборуваат своите сопартијци што не се на забавата. Ми беше и срам и страв. Ужасена бев од фактот дека присуствувам на нешто што е надвор од свеста на секој нормален човек. Знам дека откако излегов оттаму не бев во состојба да се приберам. Помнам дека паѓаше дожд, а јас не знаев каде сум и каде да одам. Пред очите ми беше ликот на Верушевски, кој ладнокрвно и молкум присуствува на екстатичната „дешавка“ во организација на еуфоричниот забавувач Црвенковски, кој ги озборуваше кандидатите за министри на кои им ветувал фотелји, а листата како да ја правел некој од оние инвеститори на „Фиком“ што сега лежат затворски казни за измама. Така, ексклузивно разбрав дека истовремено а тајно им го ветувал местото министер за внатрешни работи и на Верушевски и на Костов. Ама го озборува Костов, кој со закуска ги чека победниците кај него дома. Ми беше кажано исто така дека тајната полиција му ја спакувала на Љупчо Георгиевски, односно на Љубе Бошковски аферата „Требош“ и за тоа видов снимка како воен или полициски хеликоптер (јас сум дудук за ознаки и видови, па не ми е јасно кој и каков тип летало беше) со јажиња пред една пештера спушта труп завиткан во вреќа, а на земја го преземаат извесни лица. Ми кажа кој раководи со акцијата (лицето Б.Б.) и такви некои информации. Ми објасни дека целта била да се избербатат владата и партијата што беа на власт кога ни се случи фингерајката од војна. Со други зборови, на ваков начин дознав дека тајните служби си биле под управа на опозициската СДСМ и дека и во време на војна тие дејствувале на страната на ОВК. Дека сме погрешиле што сме мислеле дека нѐ прислушува македонската полиција (се однесува на случајот „Големото уво“), туку сето тоа било игра на странски служби. Ама за потребите на сценариото било обвинето тогашното раководство на МВР. Ми пушти и некои извадоци од разговори на мои колеги што ме работеле за потребите на грчки тајни служби и за тоа добивале хонорари и такви слични „бомби“, за што лично ги известив колку да си знаат што има човеков во посед.

Бараше од мене да објавам во „Фокус“ дека ќе прозборел ако не му го остават семејството на раат. Како сега помнам што му одговорив, а и јавно ќе го повторам. Му реков дека сега ми е јасно зошто неговиот син е таков каков што е. Му реков дека ќе го зијани и второто дете пред кое го водевме разговорот. Го прашав како воопшто може да спие со вакви гнасотилаци и му кажав дека не ми паѓа на памет да објавам што било од ова што ми го прикажува, а за помош и заштита да си се обрати каде што треба. За ова, нормално, го информирав и Никола Младенов. По една недела Верушевски со текст потпишан од Ерол Ризаов објави дека „ќе прозбори ако не го остават на мир неговото семејство“ и најнакрај со лаптоп подрака беше снимен како влегува во јавното обвинителство. Епилогот го знаете: Син му излезе од затвор со интервенција на Црвенковски како шеф на државата. Верушевски со семејството замина за Италија, а јавноста не разбра ништо за веродостојноста на бомбите. Јавниот обвинител тогашен не зуцна ништо. Немаме дури ни поим дали воопшто имаше случај, заведено дело или слично. Важно Верушевски по некоја година се врати во Скопје, стана професор на ФОН и за него не знаевме ништо до мигот кога експлодира скандалот „Пуч“.

Мене ми е ужасно непријатно што сум сведок на оваа реприза од 2001 и 2002 година. Имам мачнина кога слушам катаден информации за бомбите, зашто конкретно се уверив дека во валканата политика и борба за моќ најчесто она што го гледате не е вистина туку конструкција, филм, режија, сценарио што ви ги разигрува емоциите, ви ги лаже сетилата, ве манипулира правејќи ве млад мајмун. Токму затоа инсистирам и очекувам оваа тековна афера да се расчисти судски и политички докрај и да го опфати буквално секој слој на конструктот: Странските служби што одработувале за потребите на инспираторите, странските сценаристи, монтажери и режисери што ги подготвувале Заев и неговиот тим соработници, како и домашните соучесници-платеници што секогаш на крајот глумат жртви и заведени тутурутки што не знаеле што прават и во што учествуваат. Оти „Требош“ можеби беше забошотен поради рамковниот, ама масакрот пред Велигден не смее, зашто може лесно да биде употребен за последниот чин на претставата „Македонско буре барут“, а тоа е меѓуетничка војна и крај на Македонија како држава. Молам убаво, немојте да мислите дека расипаните игри имаат граница. Немаат. Се изнагледавме како ја местат власта во Сирија со употреба на бојни отрови. Гледавме режирана смрт на стотина деца, ни покажуваа снимки од докази за кои подоцна откривавме дека се монтажа, конструкт, лага. Слични такви сцени одгледавме и ние на наша почва кога се разигруваа едночинки на масовно труење на деца-Албанци со „етнички отровни гасови“, а за потребите на вежбање на идната војна и дестабилизација на Македонија преку вградување потенцијален конфликт. Ни парадираа манекени и глумци како жртви на силувани од режимите што беа соборувани на Средниот Исток. Дури сега дознавме дека Алдо Моро не го убиле членови на „Бригате росе“ ами циаши. Слушаме од судскиот процес за 9/11 нови сведоштва и нови факти, гледаме стотици конструкти и фингерајки што ги изведуваат тајни служби. Видовме дури како се снима и режира директно јавување на „новинар“ на Си-ен-ен од хемиски напад на Садам Хусеин врз Кувајт во студиото во Атланта. Не случајно ви објавив податок дека Иран е обвинет од САД за изработка на нуклеарна бомба со „доказ“ што го поставила агентурата на ЦИА пред две децении, а е разоткриен дури сега. Затоа внимавајте со сетилата и емоциите. Што се однесува до мене, по најавата за последната бомба на Заев, која само што не експлодирала, вчудовидена сум од упорноста на режисерот и нарачателот на претставата да го копираат претходното свое дело до буква и запирка!? Единствено што не знам што ќе се случи е како ќе реагира овој пат Груевски. И конечно институциите. Молам, имаме јавен сервис, имаме еден куп национални телевизии, нека пробуричкаат низ датотеките, нека ги реемитуваат парчињата од државниот одговор (Љупчо Георгиевски) на собраниската седница по бомбата на Црвенковски дека МВР прислушувало странски дипломати, а во рамките на испорачаниот ултиматум за („техничка влада“) и ќе се вчудовидите од повторувањето на сценариото, а мислам дека и ќе се навредите што некој ве смета за тотални идиоти.

Инаку, надвор од Македонија минатата недела се случија „бомба“-настани што ја исцртуваат иднината на човештвото. На пример, Кина ја промовираше алтернативната Светска банка со седиште во Пекинг. Се вика Банка за кредитирање инфраструктура и развој. За соосновачи на банката молба поднесоа Велика Британија, Франција, Германија и Италија, Австралија и Јужна Кореја исто така, а апликации ќе поднесат Швајцарија и Луксембург. Во Азија соосновачи се веќе 26 држави. Венецуела се мобилизира за воена вежба. Јужна Америка се подготвува за заедничка одбрана. И во Европа е забавно. Во Германија се јавија анархистичко-левичарски антикапиталистички формации. Во Полска заедно со САД се вежба нуклеарна војна. ЕУ ќе формира европско НАТО, што САД го толкува како дуплирање на капацитетите. На Балтикот паралелно со пешадија, американски тенкови и борни коли парадираат бившите и новите нацисти, Грција бара воени репарации од Меркел. Нема што нема!

Автор: Мирка Велиновска