Нема датум за преговори за Македонија

И официјално нема датум за преговори за Република Македонија за членство во Европската унија, јави дописникот на МИА од Брисел. Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата, денеска во рамки на Советот за општи работи (ГАК) на Советот на ЕУ ги усвоија заклучоците за целиот процес за проширување, како и за земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство, при што е потврдено дека и по шестата последователна препорака за почеток на пристапните преговори на Европската комисија, Македонија останува со надеж истите да се отворат идната година.
Во клучниот заклучок за Македонија, ГАК денеска наведува дека Европскиот совет ќе се наврати на ова прашање во било кое време во 2015 година, откако ќе биде ажуриран од страна на Комисијата и ќе забележи значителни чекори во промовирање на добрососедските односи и прашањето за името, како и зависно од резултатите од Пристапниот дијалог на високо ниво.
Поради новата блокада од страна на Грција, уште претходно беше познато дека Советот нема да ја прифати шестата последователна препорака на Комисијата, па денеска, и покрај острите дискусии на шефовите на дипломатиите, бидејќи Комисијата, но и 15 земји-членки инсистираа Македонија треба да добие датум, а Грција и Кипар не, на крајот, сепак, се усвоија веќе договорените заклучоци на состанокот на амбасадорите на ЕУ-земјите минатата недела, каде за нашата земја уште еднаш нема ништо.
Единствено што Велика Британија, Полска, Словенија и другите пријатели на Македонија во ЕУ успеаја да вметнат во заклучокот е на препораката на ЕК, Советот да се наврати во било-кое време идната година, а не како што инсистираа Грците – по издавањето на прогрес-извештајот во октомвври 2015 година.
– Советот ја дели оценката на Комисијата дека политичките критериуми се доволно исполнети врз база на постигнатиот кумулативен прогрес и ја нотира препоркаата на ЕК за отворање на пристапните преговори со Македонија. Во однос на можното отворање на преговорите, Советот ќе се наврати на ова прашање во било-кое време во 2015 година, врз основа на ажурирање од страна на Комисијата за спроведување на реформите, вклучувајќи го во контекст и Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како и од видливите преземените чекори за промовирање на добрососедските односи и за постигнување на компромисно и меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името, гласи клучниот заклучок 41, посветен на Македонија, што ГАК вечерва го усвои.
Потсекретарот за еворпски прашања на Италија, Сандро Гози, во име на италијанското претседателство со Унијата, на прес-конференција по денешниот состанок рече дека на последниот состанок на Советот за општи работи под италијанско претседателство, дека тој е убеден дека текстот од дискусијата е балансиран и солиден и јасно покажува дека политиката на проширувањето останува високо на агендата на Европската унија.
– Како и во секој процес за стабилизација и асовијавија, брзината во пристапот е до државата и секоја држава го бира патот и брзината, не го бираме ние. Властите во Скопје треба да се посветат повеќе кон исполнување на стандардите кои се познати и се повторени денеска, а тоа се владеење на правото, економско управување и реформи на јавната админстрација. Ако видиме прогрес во ова, ќе биде подобро за пристапниот процес. Специфични прашања како слобода на медиумите се исто така загрижувачки и мора да рбаотиме подобро заедно и да ја продлабочиме дискусијата оти се тоа основни стандарди кон кои властите во Скопје ќе треба да се прилагоди. Сепак, има повеќе од прашањето за името, истакна Гози за заклучоците за Македонија.
Останатите три заклучоци на Советот за Македонија, се исто така оние што ги предложи Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на Федерика Могерини, а тие се, најпрво, дека Советот го поздравува фактот што ЕУ-агендата останува стратешки приоритет на земјата и дека Македонија има постигнато високо ниво на усогласеност со европското законодавство.
– Сепак, има сериозна загриженост за зголемување на политизацијата на државните институции и растечките недостатоци во однос на независноста на судството и слободите на медиумите. Неуспехот да се испорача на овие прашања им нанесе штета на одржливоста на реформите, па Советот ги повикува властите да преземат решителни мерки за брзо решавање на овие проблем, се наведува во овој заклучок.
Советот нотира и дека “повеќекратните политички кризи меѓу владата и опозициските партии покажа потреба за поконструктивен и инклузивен политички дијалог”.
– Одговорност на владата и на опозицијата е да осигураат политичката дебата да се одвива главно во парламентот и да придонесат за создавање на услови за негово правилно функционирање. Што се однесува до меѓуетничка ситуација, поголема доверба меѓу заедниците треба да се гради и прегледот на Охридскиот рамковен договор треба да биде завршен брзо и да се усвојат препораките, гласи оваа порака од Советот.
Во последниот заклучок за Македонија се наведува дека, како што е утврдено во заклучоците на Европскиот совет од јуни 2008 година и на Советот за општи работи во декември 2008 година, одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи и постигнување на заеднички прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на Обединетите нации – останува од суштинско значење.
– Постои потреба да се донесат долготрајните разговори за прашањето за името до дефинитивен заклучок без одлагање. Одлучна акција е потребна. Во контекст на целокупната важност на одржувањето на добрососедските односи, Советот забележува континуирано високо ниво на контакти меѓу Македонија и Бугарија и очекува нивно преведување во конкретни акции и резултати, гласи последниот заклучок за нашата земја.
Инаку, во генералните заклучоци за проширувањето се се наведува дека во согласност со обновениот консензус за проширување, одобрен од страна на Европскиот совет на 14 и 15 декември 2006 година и заклучоците на Советот од 13 декември 2013 година, Советот потсетува дека проширувањето останува клучна политика на ЕУ и продолжува да придонесува за взаемна корист на мирот, демократијата, безбедноста и просперитетот во Европа.
Исто така, се наведува дека Советот продолжува да придава големо значење за кредибилитетот на процесот на проширување, кој останува од суштинско значење за одржување на моментумот на реформите и јавната поддршка за проширувањето во регионот, каде што треба да биде промовиран преку подобра комуникација, но и во земјите-членки на ЕУ.
– Советот ја потврдува својата недвосмислена посветеност на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Во согласност со претходните заклучоци на Советот, а во рамки на Копенхашките политички критериуми и Процесот за стабилизација и асоцијација, кој останува на заедничка рамка за односи со земјите од Западен Балкан до нивното пристапување, исто така, ја потврдува потребата, во согласност со обновениот консензус за проширувањето, за правична и ригорозна условеност и начело на сопствени заслуги, во комбинација со капацитетот на ЕУ, во сите негови димензии, со цел интегрирање на нови членки, гласи сеопфатниот залучок за проширувањето.
Исто така, на Самитот на Европскиот совет во петок, според заклучоците на ГАК, ќе се нотира дека Советот ги поздравува напорите на Европската комисија да се зајакне фокусот на решавање на темелните реформи во почетокот на процесот, а особен акцент да се стави на трите столба: владеење на правото, економско управување и реформа на јавната администрација. Овие прашања, според заклучоците се поврзани со критериумите од Копенхаген и имаат хоризонтално значење оти спаѓаат во рамки на основаното условување и треба да бидат решени со решителност.
Во однос на проширувањето, Советот ја нагласува централната важност на владеењето на правото, па во согласност со новиот пристап, клучни предизвици кои бараат посебно и итно внимание вклучуваат, особено, судски реформи, борба против организираниот криминал и корупцијата, слобода на изразување и на медиумите, права на припадниците на малцинствата, не-дискриминаторски третман на националните малцинства, како и справување со дискриминацијата на ранливите групи како што се Ромите и ЛГБТИ-групите (лезбијките, хомосексуалците, бисексуалците, транссексуалците и интерсексуалните лица).
Советот посочува и дека е потребна понатамошна работа за да се промовира родовата еднаквост и правата на жените. Советот гледа напред и кон завршување на подготовките во насока на учество на земјите-кандидатки како набљудувачи во работата на Агенцијата на ЕУ за фундаментални права. А, се посочува и дека владеењето на правото, исто така, е од суштинско значење за економскиот развој и создавање на поволна бизнис и инвестициска клима.
– Советот го поздравува зголемениот фокус на Комисијата за зајакнување на економското управување и конкурентност, со цел подобрување на бизнис-климата и зајакнување на економскиот раст, отворање на работни места и инвестиции. За да ги поддржи напорите кон исполнување на економските критериуми од Копенхаген, Советот забележува дека за земјите од Западен Балкан, ова ќе вклучуваат подготовка на програми за економски реформи. Особено, Советот ги поздравува напорите за процесот на Европски Семестар на ниво на ЕУ, како нов пристап за економско управување и ја охрабрува понатамошната работа за ова, се додава во заклучоците.
Врз основа на овие програми, Советот постави насочени насоки и во овој контекст потсетува на важноста на точни и веродостојни статистички податоци, како клучен фактор во економското управување. Советот гледа напред и кон воспоставување на високо ниво на економски дијалог со Турција, што ја нагласува важноста на европските граѓани и бизнисот, а со цел подобрување на енергетската безбедност, вклучително и транспортните мрежи и поврзување. Во оваа смисла, Советот, исто така, повикува на поблиска соработка со земјите-членки на ЕУ, како придонес за енергетската безбедност на ЕУ, вклучувајќи ја инфраструктурата за диверзификација на изворите на снабдување. Поддршка на економскиот раст и развој, исто така, се наведува дека треба да го ублажи миграцискиот притисок на Унијата.
Советот го поздрави и подобрениот пристап на Комисијата за реформи во јавната администрација. Се гледа напред кон повеќе структурирана, политичка дискусија во органите на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и употребата на пристапните преговори за поттикнување на потребните реформи, со цел справување со политизацијата на јавната служба и предизвицита во однос на нејзината транспарентност, отчетност, професионалност и ефикасност.
– Зајакнување на функционирањето и независноста на демократските институции е од суштинско значење. Ова вклучува обезбедување на конструктивен, инклузивен и одржлив дијалог низ целиот политички спектар, особено во рамки на парламентот, како и со граѓанското општество. Во овој поглед, повеќе треба да се направи за да се поттикне соодветна средина за граѓански организации, се наведува во заклучокот за проширувањето на Унијата.
Исто така, Советот посочува во заклуоците и дека развојот на настаните надвор од границите на ЕУ ја нагласува важноста за натамошно продлабочување на соработка по прашања од надворешната политика. “Билатералниот дијалог за надворешна политика треба да биде подобрен и во оваа смисла, Советот ја нагласува важноста на прогресивно усогласување со позициите во надворешната политика на ЕУ, особено за прашањата за кои главни заеднички интереси се во прашање, како што се за Русија и за Украина”, се наведува во оваа порака до земјите-кандидати и потенцијални кандидати.
Советот потсетува и на континуираната финансиска помош од ЕУ, особено во форма на новиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 2) за периодот 2014-2020 година. Лансирањето на ИПА 2 посочува на воведување пристапен сектор, подобрена кохерентност меѓу финансиската помош и севкупниот напредок во спроведувањето на стратегијата за претпристапната, зголемена буџетска поддршка и приоритизација на проекти. Со ова, координацијата со меѓународните финансиски институции дополнително се зајакнува.
– Добрососедските односи и регионалната соработка се основните елементи на процесот на проширување, како и на процесот на стабилизација и асоцијација, со цел да придонесат за благосостојба, стабилност, помирување и погодна клима за решавање на отворените билатерални прашања и проблемите од минатото. Советот ги поздравува напорите за надминување на проблемите од минатото, го поттикнува помирувањето и поддржува инклузивна регионална соработка, вклучително и преку промовирање на клима на толеранција и ги осудува сите облици на говор на омраза или на воена реторика. Советот ја повторува потребата да се избегне било-каков извор на зајадливост или акции кои може да им наштетат на добрососедските односи и на мирното решавање на споровите. Потребни се постојани напори во оваа насока, вклучувајќи ја и заштитата на сите малцинства, овозможување на еднакви права за сите граѓани и решавање на прашањата на исчезнатите лица и враќање на бегалците, гласи залучокот кој ја допира и Македонија поради блокадите од соседна Грција.
Советот ја нагласува и потребата да се продолжи со решавање на домашните случаи на воени злосторства, како и на решавање на неказнувањето на воените злосторства и бара да се обезбеди одговорност, вклучувајќи и целосна соработка и поддршка на работата на Меѓународниот суд за воени злосторства на просторот на поранешна Југославија и посебните истржани оргнаи на ЕУЛЕКС.
Општо земено, се наведува дека се потребни понатамошни напори за решавање на нерешените билатерални спорови, вклучувајќи ги граничните спорови, со цел да се осигура дека тие не треба да имаат штетен ефект врз процесот на пристапување. Исклучителните спорови и прашања, се наведува дека треба да се решаваат во согласност со меѓународното право и утврдените принципи, вклучително и преку спроведување на законски обврзувачките договори, меѓу другото и на  Договорите за сукцесија.
Потенцирајќи ја особената важност на визната либерализација за граѓаните, Советот ја охрабрува Комисијата да продолжи внимателно да го следи спроведувањето на сите услови поставени со визната либерализација, преку механизмите за следење. Советот ги охрабрува надлежните органи активно да продолжат со нивните напори да ги преземат сите неопходни мерки против злоупотребата на безвизниот режим за патување со цел да се осигура неговото неограничено продолжување и ги охрабрува да продолжат со конструктивната соработка во областа на менаџирањето на миграциските текови.
Советот целосно ја поддржува и работата на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Регионалниот совет за соработка, како негова оперативна рака, со фокус на решавање на целите и приоритетите на Стратегијата 2020 го Југоисточна Европа. Советот ја нотира одлуката од јуни 2014 година на ПСЈИЕ да го направи Косово учесник на нивните настани.
Исто така, Советот ја нагласува важноста од споделување на најдобрите практики за економско управување и промовирање на поврзување и инклузивност во регионот и со ЕУ, како и за регионална економска соработка. Во оваа смисла, Советот ја поздравува работата на инвестициската рамка за Западен Балкан што поддржува подобрување на инвестициите и создавање работни места, економски раст и промовирање на поврзување врз основа на координиран пристап за големи инвестиции по должината на главните инфраструктурни коридори. Советот ги поздравува сите регионални иницијативи насочени кон јакнење на сеопфатен дијалог и соработка.
Интересно е дека во заклуоците за Србија и Босна и Херцеговина, Советот ја нотира потребата за услогласување на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, што се мисли на односите со Русија, што го нема во случаите со Македонија и останатите земји од пристапниот процес. Во однос на Србија, и покрај очекувањата, поради блокада на Германија, нашиот северен сосед нема да може официјално да отвори поглавје за преговори и продолжува со т.н. скрининг-процес. Во однос на заклучоците за Турција, од претходно познатите, денеска шефовите на дипломатиите на ЕУ-земјите го посочија последниот развој на настаните со апсење на новинари и потсети дека “слободата на медиумите е еден од столбовите на ЕУ и Турција како земја-кандидат тоа треба да го почитува”.
Денешните заклучоци на Советот за општи работи, шефовите на државите и Владите на земјите-членки на ЕУ ќе треба само да ги потврдат на претсојниот декемвриски Самит на Европскиот совет во петок оваа недела, кој ќе биде последен под Италијанското претседателство со ЕУ. Од 1 јануари 2015 година, со шестмесечното ротирачко претседателство на Унијата ќе претседава Летонија, додека во втората половина на идната година, претседателството со ЕУ ќе го води Луксембург.
Во однос на процесот на проширување и случајот со Македонија, улогата на земјите во претседателствувањето со Советот на ЕУ е повеќе протоколарна и никој од нив не може да помогне нашата земја да ги добие заслужените преговори за членство поради грчката блокада, но може постојано да го покренува македонското прашање на агендата и со тоа да привлече повеќе пријатели за предлогот на Еврокомисијата за отворање на пристапните преговори со нашата земја. Во тој поглед може да се толкува и денешната изјава на хрватската министерка за надворешни изјави, Весна Пусиќ, дека ЕУ работи ан тоа да најде начин да ги одмрзне македонските евроинтеграции.