Нема договор за проблемот со мостот во Митровица

Нема договор за проблемот околу мостот во Северна Митровица и по вчерашните десетчасовни разговори меѓу шефот на канцеларијата на Владата на Србија за Косово Марко Ѓуриќ и потпретседателката на косовската Влада Едита Тахири во Брисел.

– Приштина за жал денеска не беше подготвена да постигнеме договор, рече Ѓуриќ вчера по разговорите во Брисел.

Тахири изјави од своја страна дека приштинската страна дошла во полн состав вклучувајќи и претставници на неколку министерства, како и оти била подготвена да ги продолжи разговорите за време на викендот.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон рече по средбата дека двете страни треба без претходен договор да се воздржат од какви било какви акции во близина на мостот во Митровица.

Разговорите меѓу двете страни ќе продолжат на 22 јули во Брисел.