Нема други кандидати освен Селмани за претседател на ЗНМ

Селмани: Политичките партии да се фокусираат на предлогот на Ванхојте
Селмани: Политичките партии да се фокусираат на предлогот на Ванхојте

Здружението на Новинари на Македонија (ЗНМ) утре во рамки на редовното годишно изборно собрание ќе бира нов претседател, нови членови на управниот одбор, членови на надзорен одбор и членови на совет на чест. Неофицијално, Нетпрес дознава дека освен веќе актуелниот претседател на ЗНМ Насер Селмани, немас други кандидати кои пројавиле интерес да се кандидираат за оваа позиција.

Во однос на бројот на делегатите кои утре ќе гласаат, директорот на ЗНМ, Драган Секуловски во изјава за Нетпрес нагласи дека сите активни членови на ЗНМ имаат право да учествуваат на утрешното редовното изборно собрание, на кое ќе бираат и ќе можат да бидат избрани во органите на ЗНМ.

– Утре очекуваме најголем дел од членството да го искористи демократското право и да изберат ново раководство на ЗНМ, изјави тој.

Инаку, поради зголемениот  интерес  од новинарите да учествуваат на Редовното изборно собрание на Здружението на новинарите на Македонија, кое ќе се одржи утре, минатиот петок Управниот одбор на ЗНМ одлучи рокот за обновување на членството да го продолжи до 10.12.2014, со цел точно да биде утврден бројот на редовни членови кои можат да учествуваат на собранието и за изготвување на материјалите, но засега во јавноста не се објавени информации за тоа колку точно делегати ќе учествуваат на Собранието.

Кандидатурите за Претседател на ЗНМ и за членовите на Управен одбор, Надзорен одбор и за членови на Советот на честа требаше да бидат доставени во писмена форма најдоцна до 10-ти декември (среда) 2014 година во канцеларијата на ЗНМ.

За Претседател на ЗНМ може да се кандидира секој редовен член на ЗНМ кој има поддршка од најмалку десет редовни членови. Но, досега освен актуелниот претседател Насер Селмани, никој не се пријавил како кандидат за претседател.

Тоа го потврди и директорот Секуловски, кој нагласи дека членовите на ЗНМ кандидатура за претседател можат да достават и на самото Собрание.

Неофицијални извори за Нетпрес велат дека годинава нема други кандидати за претседател затоа што и покрај тоа што според Статутот на Здружението гласањето за највисоките функции е тајно, голем дел од делегатите од Скопје и од надворешноста веќе јавно изјавиле дека ќе го поддржат актуелниот претседател.

Статутот на Здружението предвидува претседателот на ЗНМ да се избира помеѓу најмалку двајца предложени кандидати, но во случај во текот на изборната постапка и гласањето, од кои било причини да остане само еден кандидат, неговиот избор се врши со двотретинско мнозинство од присустните.

Потребниот кворум за работа на Редовното и на Вонредното изборно Собрание и за донесување полноважни одлуки се обезбедува со присуство на најмалку 15% од вкупниот број на редовните членови на ЗНМ.

Актуелниот претседател Насер Селмани беше избран на Изборното собрание што се одржа во 2010 година.