Нема единство меѓу Западот и Турција во борбата против ИД

И по ослободувањето на турските заложници од рацете на џихадистичките милиции од Исламска држава, Анкара не се решава на активно учество во планираната алијанса против екстремистите, пишува „Дојче веле“.

Реџеп Таип Ердоган ослободувањето на турските заложници од рацете на Исламска држава на викендот, при средбата со нив на аеродромот во Анкара, го нарече триумф на својата земја и дипломатска победа.

„Политичките и дипломатските“ преговори меѓу турската тајна служба МИТ и ИД вродија со плод. Ердоган навести постоење на некоја размена, истакнувајќи: важен му бил животот на заложниците. Според весникот „Јени Сафак“, близок до владата, странски борци на ИД, уапсени во Турција, им биле предадени на терористите, кои за возврат ги пуштија турските заложници на слобода.

Овој вид на преговори кај критичарите на Ердоган во земјата и во странство го засилува сомнежот во поддршка од странана Анкара на сунитските џихадисти. Анкара тоа го отфрла.

„Да се рече: Турција соработува со ИД, е исто како да се рече: американската влада соработува со нарко-картелите на границата на Мексико“, изјави турски владин претставник.

Коалиција-со каква цел?

Сепак, разликите меѓу Турција и нејзините партнери во поглед на прашањето за ИД се очигледни. На неодамнешната средба на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери со претставниците на исламските држави во саудискиот град Џеда, Турција беше единствената земја-учесничка која не ја потпиша завршната декларација со обврзување за борба против ИД. Во Џеда не беше јасно што е всушност тема на дебата, изјави турскиот владин претставник: „Коалиција, но со каква цел?“

Турција првенствено сака да го насочи погледот на партнерите на времето по воена победа над екстремистите од ИД. Што ќе се случува натаму во Сирија? Како ќе се развиваат работите во Ирак, каде дискриминацијата на сунитското малцинство во мандатот на премиерот Нури ал Малики, барем делумно создаде плодна почва за настанување на ИД? Турција е заинтересирана за елиминирање на подлабоките причини за успехот на екстремистите, изјавуваат турски владини претставници во медиумите.

Разлики со подлабоки корени

Зад овој став се крие подлабока разлика меѓу Турција и Западот во поглед на ИД. Додека САД и ЕУ се целосно сконцентрирани врз џихадистите во кои гледаат најважна закана, за Турција и натаму најголем проблем претставува сирискиот претседател Башар ал-Асад.

„Анкара тврди-во регионот постојат поопасни групи отколку ИД, пред се‘ режимот на Асад“, пишува политикологот Седат Лакинер во своја статија на интернет-порталот Интернетхабер.

„Лесно се препознава-Турција останува настрана кога САД и Европа, заедно со сојуз од Иран, Сирија и ирачките шиити, се во акција против ИД“.

Радосен пречек на турските заложници во Анкара

Западен дипломат во Анкара за Дојче веле истакнува оти Турција притоа одамна се залага за „муслимански сојуз“, надевајќи се групите како Исламска држава да овозможат пад на режимот на Асад. Тоа е причината поради која Турција станува земја на која не можеме да се потпреме, смета еден американски владин претставник. „Вол стрит џурнал“ ја нарече Турција „Не-партнер“.

Тешки разговори на Ердоган во Њујорк

Идните денови, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Ердоган ќе разговара со американскиот претседател Барак Обама, другите политичари, аналитичари и новинарите. Ердоган ќе биде во тешка позиција, прогнозира Асли Ајдинтасбас, колимнист во весникот „Милиет“. Ердоган во Њујорк ќе ја потврди решеноста на Турција да не учествува во борбата против ИД, па „проблематичниот имиџ“ на Анкара и натаму веројатно ќе остане.
Иако, Турција е многу важна за Западот. Земјата е единствениот актер „кој може да придвижи нешто на Блискиот Исток“, вели политикологот Сердар Ердурмаз од универзитетот Хасан-Калунчу во Газиантеп за Дојче веле.
Приближување на турските и ставовите на Западот не е на повидок. Како познавач на приликите во светот, Турција уште пред години ги предупреди своите партнери од опасностите на екстремизмот, изјави неодамна турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу:
„Без уништување на режимот на Аасд, хаосот и безредијата во регионот нема да запрат“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.