Нема големи изненадувања од денешниот Совет на министри на ЕУ за Македонија

Без големи иненадувања од денешниот совет на министри за надворешни работи. Иако состанокот ќе заврши доцна вечерва веќе е познато е дека ќе биде одбиена петтата по ред препорака на Европската Комисија, односно дека ќе биде нотиран само заклучокот од средбата на амбасадорите во  ЕУ во рамки на  „КОРЕПЕР“- група на кој се препорачува, Европскиот совет да се врати на препораката за отворање на преговорите со Македонија на следниот Самит во јуни 2014 година”, јавува дописникот на Нетпрес од Брисел.

Па сепак известувачот за Република Македонија во Европскиот Парламент Ричард Ховит очекува  во заклучоците да бидат наведени и елементи кои ќе понудат насока за напредување на државата во евроинтегративниот процес, иако повеќе од сигурно е дека Грција ќе го искористи правото на вето.

,,Тоа за што јас се залагам е Советот на Европа минимално да ги повтори заклучоците од ланскиот декември во кој беше наведена  специфична заложба дополнително  да се разгледа напредокот на државата , настрана од  годинешниот процес. Се’ уште верувам дека таа порака е на сила“, изјави  Ховит.

Само за потсетување, лани следеше заклучокот во кој се бараше дополнителен извештај од Европската комисија за напредокот на државата, кој беше изготвен непосредно пред јунскиот самит. Ховит не ја крие разочараноста од одлуките на Советот на Европа , кој според него преставуваат  тест за  кредибилитетот на политиката на проширување  Унијата и додава дека љубопитно ќе следи кои ќе бидат аргументите за унапредување на статусот во евроинтеграциите на останатите држави во регионот –Србија, Албанија и Косово. Тој изрази разбирање за фрустациите на македонската јавност, но не штедеше пофални зборови за одлуката на владата да продолжи со реформските процеси.

Инаку, заклучоците од денешниот совет на министри за надворени работи само формално ќе бидат потврдени на самитот на европскиот совет во четврток од страна на шефовите на владите и државите членки на ЕУ.